Skip to content
Шеталиште

Шеталиште

Се гледаме

setaliste-970x90-1
WEBIART-BANER
Primary Menu
  • Дома
  • Вести
    • Битола инфо
    • Македонија
    • Балкан
    • Прилеп инфо
    • Економија
    • Свет
  • Култура
    • Кино
    • Настани
    • Филм
    • Театар
  • Спорт
    • Ракомет
    • Фудбал
    • Кошарка
    • Останати
  • Теми
    • Астрологија
    • Забава
    • Занимливости
    • Автомобили
    • Шоубиз
    • Технологија
    • Здравје
    • Патувањa
    • Психологија
    • Шоубиз
  • Интервју
  • Колумни
  • Саботно корзо
  • Локални избори 2025
  • Промо
  • Интервју

Од ноќни стравови до чудесна приказна: новата сликовница на Зорица Николовска

Шеталиште 01/12/2025 14:27
IMG_7732

Во време кога детските стравови често остануваат негласно присутни во мракот на нивните соби, радио-водителката Зорица Николовска позната како Зорка на Македонското радио – Радио 2 успева да ги претвори токму тие невидливи сенки во приказна што дава сила. Нејзината прва сликовница „Луна и темнината“ веќе ги освојува младите читатели, но и нивните родители, носејќи порака за храброст, емпатија и нежност. Разговараме со Зорица за процесот на создавање, за инспирацијата што и’ ја подарил нејзиниот син Мартин и за магијата на раскажувањето што ја наследила од својата тетка Маре. Ова е приказна за љубов, растење и моќта на една добро раскажана бајка

Шеталиште: Зорица, твојата прва детска сликовница „Луна и темнината“ веќе е во рацете на читателите. Каков беше моментот кога за првпат ја држеше печатената книга во рака?

Зорица Николовска: Возбудата почна уште рано наутро, кога добив повик од „Издавачка куќа Светулка“ дека книгите пристигнале од печатница. Тоа беше момент што го чекав со месеци, но сепак не бев свесна колкусилно ќе ме погоди. Кога ја земав во рака, како да ги држев сите вечери во кои Мартин ми бараше „уште една приказна“, сите негови прашања што ме тераа да барам нови одговори, сите мои обиди да бидам храбра мама – дури и тогаш кога внатрешно и самата се плашев од темнината, буквално и симболично.

Ми се насолзија очите, но од оние солзи што ти течат кога знаеш дека си создал нешто вистински твое, нешто родено од љубов, грижа и многу интимни моменти со твоето дете. Тоа беше чувство на огромна благодарност.

Шеталиште: Инспирацијата ти е синот Мартин. Кој беше моментот кога сфати дека неговиот страв од темнината може да се претвори во приказна?

Зорица Николовска: Мартин е дете што растеше со приказни буквално од првиот ден. Нашиот ритуал за спиење – од песнички до книги – никогаш не го прескокнавме. Кога велам дека нема детска книга што не сме ја прочитале, навистина мислам така. Но дојдоа оние моменти кога книгите не нудеа одговор на неговите прашања за секојдневните појави: сенките, звуците, непознатите форми во мракот.

Токму тие прашања ме натераа да ја пуштам својата фантазија да се отвори. Неговите детски стравови не ги гледав како проблем, туку како можност да му создадам приказна што ќе го разбере.

Шеталиште: Приказната е целосно твоја фантазија. Како изгледаше процесот на создавање? Ја пишуваше одеднаш или се раѓаше постепено, вечер по вечер?

 

Зорица Николовска: Приказната се раѓаше постепено, долго и нежно. На негово барање да ја „репризирам“ секоја следна вечер, јас ја уредував, додавав нови детали, одземав нешто што не му беше потребно, ја обликував како да моделирам глина. Секое негово „а зошто…?“ ме носеше во нов правец.

Со секоја нова верзија ја чувствував поблиску до онаа приказна што навистина му треба за да го разбере стравот, а не само да го надмине. И кога конечно ја раскажав финалната варијанта, почувствував дека е целосна.

А следната вечер – заспа сам, во потемна соба. Тој момент беше доказ дека приказната си го најде вистинското место.

Шеталиште: Во интервјуата често ја спомнуваш тетка Маре, која ти го всадила чувството за раскажување. Колку од нејзиниот дух има во оваа сликовница?

Зорица Николовска: Тетка Маре е огромен дел од мене. Таа беше човек кој раскажуваше приказни како да отвора тајни фиоки со магија. Ништо не раскажуваше брзо, ништо површно. Од неа научив дека приказната е подарок, не само текст. Со една реченица може да те однесе во цел друг свет. Таа не раскажуваше приказни – таа ги оживуваше целосно додека ги раскажуваше. Правеше посебна пауза пред секоја важна реченица, магична тишина што не те плашеше, туку те навлекуваше уште подлабоко во приказната. Кога зборуваше, имаш чувство како времето да забавува за да ѝ даде простор на секоја слика да се отвори пред тебе.

Тетка Маре ми покажа дека приказната е мост меѓу две срца – едно што раскажува и едно што слуша. Секогаш кога раскажувам приказни, ја слушам нејзината интонација во главата – тивка, смирена, полна со љубов. Така сакам да раскажувам и јас.

Шеталиште: Колку беше емотивно за тебе моментот кога Мартин сам ја прочита приказната за која самиот бил инспирација?

Зорица Николовска: Тоа беше момент од оние што ги памтиш засекогаш. Го гледав како внимателно ги врти страниците, како се обидува да чита гласно, сигурно, и како се препознава во приказната. Кога ја прочита во прво лице – како да и ја раскажуваше на целиот свет – почувствував дека кругот на приказната се затвори: тој ја инспирираше, јас ја создадов, а тој ја оживеа. Тоа беше една од најубавите сцени што можев да ја доживеам.

Шеталиште: На социјалните мрежи често се зборува за твојата автентичност како мајка. Колку од тоа „реалното родителство“ е всушност присутно во твоето пишување и ликовите?

Зорица Николовска: Сè е присутно. Не умеам да опишувам совршени родители и совршени деца, затоа што тие не постојат. Моето пишување е полнo со реалност – мама што доцни, што оди на работа, што се обидува да одговори на сто прашања додека чисти, што сака да биде најдобра, но понекогаш се бори со милионите обврски што си ги задала сама. И токму затоа децата ги чувствуваат ликовите во моите приказни како блиски: затоа што се вистински, топли и несовршени.

Шеталиште: Какви се првите реакции на читателите? Што ти беше најголем комплимент што најмногу те трогна?

Зорица Николовска: Реакциите се многу топли и емотивни. Најчесто ми пишуваат дека нивните деца ја бараат приказната по две-три пати на вечер – и за автор тоа е најголемото признание.

Но комплиментот што најмногу ме трогна беше од една мајка која ми напиша: „Денес син ми, ми рече дека темнината му е помалку страшна бидејќи веќе ‘ја знае приказната’.“ Тогаш сфатив дека приказната веќе ја надмина мојата цел и почна да живее свој живот, во други домови, на други перници, со други стравови.

Шеталиште: На кој предизвик во детскиот свет би сакала да се наврати следната сликовница на Зорка? Љубопитност, љубомора, прилагодување, пријателство?

Зорица Николовска: Ме влече темата на прилагодување – како децата реагираат на нови ситуации, нови средини, нови емоции. Мартин расте, и со него расте и мојата потреба да му помогнам да ги разбере промените. Верувам дека таму веќе се крие нова приказна, само чека да биде откриена.

За крај, каква порака би им испратила на родителите кои бараат начин да им помогнат на децата да ги надминат нивните „детски темнини“?

Зорица Николовска: Да седнат до нив, да слушаат, и да не брзаат со „нема од што да се плашиш“. Децата не бараат негирање – бараат разбирање. Понекогаш им треба само некој да го именува нивниот страв за да престане да биде огромен.

Темнините – буквални или симболични – најлесно се минуваат кога не си сам во нив. А најубавата лекција е дека храброста никнува таму каде што има нежност и присутност.

 

Continue Reading

Претходно: Cyber Monday – Експлозија на неверојатни понуди во Mint Store
Следно: GREEN TECH PELAGONIA-Стартап Програма на ПРЕДА Плус: Поттикнување иновации во Пелагонискиот регион

Поврзани вести

IMG_0718-2
  • Интервју

Иван Дургутов: Младите се силата што може повторно да ја оживее демократијата

Шеталиште 10/11/2025 15:30
Screenshot_20250812_091918_Instagram
  • Интервју

17 години The Hounds: Приказната што го разбуди рокот во Прилеп

Шеталиште 12/08/2025 08:38
505991863_122182399622051791_408989433335188928_n
  • Интервју

Театар кој се чувствува: Интервју со Васко Мавровски за ревитализацијата на НУ Народен Театар Битола

Шеталиште 11/06/2025 05:11
TELEFONI 300 X 250
300-x-250
Untitled design (11)
Untitled_design_1
Cabaret-Gold
Untitled design (2)

Тренд Вести

ПМФЛ: Пелистер знае да биде опасен, Арсими влегува без потценување на мечот Screenshot_20251208_122113_Facebook 1
  • Вести
  • Спорт
  • Фудбал

ПМФЛ: Пелистер знае да биде опасен, Арсими влегува без потценување на мечот

08/12/2025 11:23
Денеска е Свети Климент Охридски – патрон на МПЦ и заштитник на македонскиот народ Sv. Kliment 2
  • Вести
  • Македонија

Денеска е Свети Климент Охридски – патрон на МПЦ и заштитник на македонскиот народ

08/12/2025 08:29
Свети Климент Охридски Чудотворец – просветител и апостол на словенскиот род Sv. Kliment Ohridski 3
  • Вести
  • Македонија

Свети Климент Охридски Чудотворец – просветител и апостол на словенскиот род

08/12/2025 08:27
КК Пелистер: Одиме по нова победа против ТФТ (Видео) kk-pelister-kk-rabotnicki-05.10-76-1536x1006 4
  • Вести
  • Кошарка
  • Спорт

КК Пелистер: Одиме по нова победа против ТФТ (Видео)

06/12/2025 11:07
Бараж за СП 2026: Македонија ако победи ќе биде дел од А групата Screenshot_20251205_195904_Mavex 5
  • Вести
  • Спорт
  • Фудбал

Бараж за СП 2026: Македонија ако победи ќе биде дел од А групата

05/12/2025 19:37

Можеби сте пропуштиле

Screenshot_20251208_122113_Facebook
  • Вести
  • Спорт
  • Фудбал

ПМФЛ: Пелистер знае да биде опасен, Арсими влегува без потценување на мечот

Димитар Петковски 08/12/2025 11:23
Sv. Kliment
  • Вести
  • Македонија

Денеска е Свети Климент Охридски – патрон на МПЦ и заштитник на македонскиот народ

Шеталиште 08/12/2025 08:29
Sv. Kliment Ohridski
  • Вести
  • Македонија

Свети Климент Охридски Чудотворец – просветител и апостол на словенскиот род

Шеталиште 08/12/2025 08:27
IVONA KOCHOV
  • Забава
  • Саботно корзо

Саботно „корзо“ на битолчани (06.12.2025)

Шеталиште 06/12/2025 18:18

Disklejmer

За нас
Контакт
Импресум
Услови за користење
Ценовник за рекламирање
Ценовник за платено политичко рекламирање 2025

2025 © Сите права се задржани