Во моментот има фрапантни 700.000 до 800.000 гладни луѓе во нашата држава, тоа се луѓе кои имаат само еден оброк во текот на денот, што е жално и срамно, информира отец Оливер Петровски во изјава за МИА на одбележувањето на Светскиот ден против гладот – 16 Октомври.
На еден од отворените пунктови во рамките на денешната хуманитарната акција за собирање храна и хигиенски средства, наречена „Заедно против гладот“, која се одржува на повеќе локации во Скопје, отец Оливер Петровски истакна дека половина од вкупниот број гладни луѓе се деца.
-Институциите најверојатно ќе излезат со бројка од 500.000, што не е точна, според нашите информации и хуманитарни акции на терен, бројката на оние луѓе што немаат оброк или имаат само еден оброк во текот на денот е некаде околу 700.000, за жал, половината од нив се деца, тоа се оние дечиња кои секојдневно ги поминуваме и се трудиме да не ги погледнеме в очи затоа што тогаш можеби би се виделе самите ние во нив, значи да не го тргаме погледот, да им помогнеме без разлика на вера, нација затоа што детето е дете, не знае ни за вера ни за нација, а за жал знае за глад, порача отецот.
Тој посочи дека кризите, односно зголемените цени на основните продукти придонеле за намалување на донациите за гладните.
– Мислам дека секојдневно се зголемува свеста кај луѓето за да не се фрла храна, но треба уште многу да се работи на тоа. Околу донирањето храна, треба да сфатиме дека живееме во многу тешки времиња, кога цените постојано растат, така што луѓето колку и да сакаат да донираат, се плашат дали ќе имаат потоа за себе. Токму поради тоа, мислам дека малку е намалено донирањето во последно време, но се надевам дека народот ќе успее да ја врати онаа финансиска или економска стабилност за да може да им помогне на другите – изјави тој.
Оцени дека државата воопшто не се интересира за оваа група граѓани.
Државата треба да се вклучи во креирањето функционален механизам за храната која се фрла да оди кај гладните, но, за жал, морам да кажам дека таа воопшто не се интересира за социјалната категорија на граѓани. Еве јас намерно ги тагирав сите политичари на социјалните мрежи, баш ме интересира кој од нив ќе донира храна ако знаеме дека енормно си ја зголемија платата, така што би апелирал до политичарите да се освестат, бидејќи народот ги одбира и ако не работат за народот, многу брзо можат да бидат сменети, така што или нека почнат да работат за народот како што треба или нека пуштат некој друг – подвлече отецот.
Според него, кризите ќе придонесат за зголемување на гладот и порача дека во овие времиња е најпотребна сплотеноста.
Во текот на денот пунктови за донирање ќе можат да се најдат пред Супертинекс –првомајска и тоа во периодот од 12 до 20 часот, Веро Џамбо од 12 до 20 часот, Веро во населба Аеродром од 12 до 20 часот, потоа Зур маркет во населба Драчево од 08:30 часот до 20 часот, Стокомак во Драчево во периодот од 14 до 20 часот, кај Стокомак во населба Автокоманда, Веро во населба Тафталиџе, Зур маркет во Ѓорче Петров од 12 до 20 часот, Дим маркет село Стајковци од 12 до 20 часот, Стокомак во Илинден и Бутел од 12 до 20 часот и Магацинот на организацијата од 10 до 20 часот.

