Полицијата разби организирана група, составена од 20 луѓе од Прилеп и еден од Скопје, осомничена дека продавала кокаин и марихуана во повеќе македонски градови и ги внесувала заработените пари во легален промет. Во претресите на 36 локации биле приведени 20 луѓе и биле пронајдени дрога, оружје, пари и возила, а петмина се осомничени дека испрале речиси пет милиони денари и 64.670 евра, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Акцијата била спроведена вчера, по повеќемесечна истрага на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Управата за финансиско разузнавање и специјалните полициски единици, под раководство на обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Постапувајќи по судски наредби, извршени се претреси кај 31 лице, на вкупно 36 локации, од кои 33 на подрачје на Прилеп, две на подрачје на Скопје и една на подрачје на Струга. Притоа, од слобода се лишени 20 лица, а при извршените претреси се пронајдени и одземени тревкаста материја, бела прашкаста материја, грутчеста материја, гасен пиштол, муниција од различен калибар, поголема сума на девизни и денарски парични средства, патнички возила, мотоцикли, мобилни телефони, метална дробилка, метален детектор, ваги и др..“, се вели во соопштението.
Против сите од осомничената криминална група е поднесена кривична пријава. Четворица се осомничени за неовластено производство и продажба на дрога и за перење пари, 16 луѓе се осомничени за трговија со дрога, а 75-годишниот скопјанец се товари за перење пари. Еден од осомничените веќе се наоѓа во притвор во Франција поради кривично дело поврзано со дрога.
Според полициската истрага, групата функционирала преку две мрежи на препродавачи. Кокаинот и марихуаната наводно биле набавувани од луѓе од Албанија, Струга, Дебар и одГостивар, а потоа биле чувани на локации во Скопје и во Прилеп.
„Дрогата (кокаин и марихуана) Н.В. ја купувал од НН лица по потекло од Албанија, Струга и Дебар и ја држел на безбедни локации во Скопје и Прилеп, по што ги организирал како мрежа на препродавачи Д.К., А.Д., Д.Ј., В.С., Д.С., А.З., А.М., А.И., В.А., Р.С. и Ј.Н., кои ја продавале дрогата, воспоставувајќи контакти со заинтересирани купувачи од Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино, Велес и Скопје, со кои откако ќе се договореле за видот, количината и цената, го известувале Н.В., кој им ја давал потребната количина“, се наведува во соопштението.
Втората мрежа, според МВР, набавувала кокаин и марихуана од лица од Дебар и Гостивар, а дрогата ја продавала во Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино и Велес. Марихуаната се продавала по цена од 500 до 800 денари за грам, а кокаинот од 4.000 до 6.000 денари за грам.
„Дрогата ја продавале за сума од 500 до 800 денари за грам марихуана и од 4.000 до 6.000 денари за грам кокаин, а парите од продажбата му ги давале на Н.В., кој како награда им давал дел од парите, кои подоцна ги употребувале за купување на движен и недвижен имот“, соопшти полицијата.
Петмина членови на групата се осомничени дека парите заработени од продажбата на дрога ги внесувале во легалниот платен промет за да го прикријат нивното потекло и понатамошното движење.
„Во временскиот период од 2025 до 2026 година Н.В., М.И., Б.И. (се наоѓа во притвор во Франција за кривично дело од чл.215 од КЗ), М.С. и Т.Д. прибавените парични средства за кои знаеле дека потекнуваат од извршување на кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, со намера да го прикријат понатамошното движење и локација на парите, истите ги внесувале во легалниот платен промет, откако претходно ќе ги примиле понатаму ги пуштале во оптек и тоа парични средства во вкупен износ од 4.990.270 денари и 64.670 евра“, се наведува во соопштението на МВР.
Фото и извор: МВР

