Ракометарите на Еурофарм Пелистер, заедно со новиот тренер Лино Червар ги започнаа подготовките за сезоната 2026/27.
Новиот тренер на екипата им се обрати на ракометарите, притоа претставувајќи го планот на подготовки и им посака успешна сезона.

„Морам да кажам дека ми е чест да бидам тука и да го водам Еурофарм Пелистер. Тука ќе биде и крајот на мојата кариера. Мило ми е дека сум во мојата втора татковина. Знам кој е Пелистер, клуб со голема традиција уште кога го водев Умаг во првата југословенска лига играв против овој клуб. Пепи Манасков ни беше голем проблем тогаш. Многу сум амбициозен. Ќе дадам се од себе за Пелистер да биде компетентен. Малку сум поинаков, па ќе работиме поинаку. Ќе биде игра за клубот да има свој имиџ, идентитет и препознатливост на теренот. Сите ние заедно, секој од нас мора да даде се. Јас како тренер морам да бидам пример, да се бориме како екипа и да се обидам да направам се што можам за клубот да биде успешен” – изјави искусниот хрватски стратег.
Еурофарм Пелистер во сезоната 2026/27 ќе ги има новодојдените Алекса Колаковиќ, Мартин Серафимов, Миха Котар, Омер Мехмедовиќ, Едвин Целетовиќ, Малик Татар, Ненад Белистојаноски и Диего Басанесе. Од минатата сезона си заминаа Усама Хосни, Богдан Радивоевиќ, Илија Абутовиќ, Домен Тајник и Дејан Манасков, за кој се очекуваше дека ќе постигни договор со управата.

Пелистерци првата недела ќе работат во Битола, а потоа ќе заминат на базични подготовки во Словенија.

