Поранешниот германски репрезентативец и актуелен раководител на УЕФА за развој на елитен младински фудбал, Андреас Бек, престојуваше во посета на Фудбалската федерација на Македонија, каде заедно со стручните служби на ФФМ ги анализираше тековните проекти и идните планови во рамки на програмата за Елитен младински фудбал и академијата на ФФМ.
Бек, кој во својата играчка кариера настапуваше за германската репрезентација, како и за екипите на Штутгарт, Хофенхајм и турски Бешикташ, денес е дел од системот на УЕФА задолжен за развој на младински академии и елитен фудбал на европско ниво.
Во текот на посетата на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје, Бек ги следеше активностите на младинските селекции и академијата на ФФМ и одржа повеќе состаноци со претставниците на нашата федерација околу идната поддршка преку програмата на УЕФА.
„Во балканскиот регион, луѓето буквално се раѓаат со топка. Без разлика дали станува збор за фудбал, ракомет или кошарка, овде постои длабоко вкоренета спортска култура. Но, само талентот не е доволен. Потребни се структура, континуитет, квалитетна работа, натпревари и вистинска средина за развој“, изјави Бек.
Тој посочи дека Македонија уште од 2014 година е дел од пилот програмата на УЕФА за развој на млади фудбалери и дека напредокот е видлив.
„Она што денес го гради ФФМ е јасен и добро структуриран систем за развој чекор по чекор. Особено позитивен впечаток оставаат проектите на ФФМ Академијата до 15 години и пилот проектот за фудбалери до 14 години“.
Бек ја истакна важноста на континуираниот процес на работа со младите фудбалери.

