Откако регионот Венето го одобри воведувањето на овој систем уште во 2019 година, тој требаше да започне со работа во јануари оваа година, што во моментов е одложено за шест месеци.
Воведувањето на билет за влез и посета на Венеција беше одложено од јануари годинава за налето бидејќи навреме не беа обезбедени премините преку кои требаше да се ограничи бројот на туристи кои може да влезат во градот на дневно ниво, а сè уште не е утврдено во детали кој сè спаѓа во категоријата на оние кои ќе мораат да платат билет, а кои не.
„Ова е првиот град во светот, единствениот град кој на овој начин ќе се обиде да даде конкретен одговор на преголемиот број туристи во одредени периоди од годината“, изјави Симоне Вентурини од Туристичката организација на Венеција.
„Како жител на Венеција, се плашам дека таксата за влез ќе доведе до тоа овој град да стане нешто што не личи на град. Мислам дека тоа воопшто нема да влијае на бројот на туристи и дека ќе биде неефикасно“, вели една жителка на Венеција.
Жителите на Венеција, како и оние кои поседуваат имот во градот нема да плаќаат влезница.
Оваа категорија ги вклучува и вработените, студентите, оние кои доаѓаат во Венеција од здравствени причини, полицијата и војската, спортистите кои се во градот за спортски натпревари, оние кои треба да присуствуваат на судење или да посетат затвореници, оние кои живеат во регионот Венето, како и лица кои ќе ноќеваат во хотели бидејќи така веќе плаќаат такса.
„Ни претстои голема работа да ги вратиме староседелците на плоштадот Свети Марко затоа што тие веќе не одат таму поради огромниот број туристи, а граѓаните треба да бидат присутни во својот град, да живеат во него“, изјави жител на Венеција.
Во првата половина на 2023 година, вклучително и периодот на познатиот венецијански карневал од 4 до 21 февруари, нема да треба да се плаќа за влез во градот.
Деновите кои ќе бидат одбележани со црвено се големите градски настани, Биеналето и Филмскиот фестивал.
На почетокот тоа ќе биде експериментална фаза, а во тој процес ќе се подобрат услугите и ќе се воведат модификации во врска со плаќањето, што не може да се избегне бидејќи влегувањето во градот следи т.н. Контролна соба која ги евидентира и идентификува сите граѓани во градот.