Хеви метал ѕвездата, Ози Озборн, почина на 76-годишна возраст неколку недели откако имаше проштална свирка со бендот Black Sabbath. Семејството ја соопшти тажната вест, но не ја објави причината за смртта.
Ози Озборн, познат и како мрачниот принц, почина на 76 години, а неговото семејство ја соопшти веста.
„Со поголема тага отколку што можат да опишат зборовите, мораме да соопштиме дека нашиот сакан Ози Озборн почина утрово.
Тој беше со неговото семејство и опкружен со љубов. Бараме од сите да ја почитуваат приватноста на нашето семејство во моментов“ – стои во соопштението.
Музичката икона, кој беше основач и фронтмен на групата Black Sabbath, неодамна, на почетокот на јули имаше проштален концерт со бендот во Бирмингем.
Тој беше препознатлив по неговите енергични и контроверзни настапи во живо, а во 2000-тите заедно со семејството станаа ријалити ѕвезди, во шоу кое го претставуваше нивниот хаотичен живот.
Ози Озборн е нарекуван „кум на хеви метал музиката“ бидејќи го поплочи патот до успехот за останатите изведувачи од овој жанр. Всушност, за многумина, тој е личноста која ја измислила хеви метал музиката.
Сепак, и покрај тоа што беше талентиран музичар, привлекуваше многу внимание и со скандалите.
Засега нема информации за причината за смртта, но познато е дека во 2019-та му беше дијагностицирана Паркинсонова болест.

