– Економската струка не значи кадри за седење во канцеларија и работење административни работи, туку е струка која е двигател на општеството. Ова беше констатирано на денешниот прв форум во земјава на средните училишта од економската струка.
Со учесници од економската заедница во Прилеп, Економскиот факултет и претставници од средни економски училишта од Македонија и соседна Србија, за првпат во Македонија, во Прилеп се организираше меѓународен средношколски форум на економски училишта насловен „Економиум 2026“. Форумот беше на темата „Инвестираме во човечки капитал, вештините како најсилна алатка на нашите ученици“.
-Економската е и единствена струка која вложува и во вештините на учениците и со тоа излегуваме подготвени на пазарот на трудот во државава, а и надвор од неа. Целта е, прво, да се собереме сите економски училишта, да ги споделиме мислењата во однос на човечкиот капитал. Мора, како образование да инвестираме во учениците за да имаме и подобра економија, и подобро општество. Работиме со струките кои се одобрени од Центарот за стручно образование, но колегите имаат изработено и нови струки за кои се чека одговор од Центарот и од Министерството за образование за да излеземе подготвени на пазарот на трудот, вели Христина Бозоска Николоска, директорка на прилепскиото економско-правно училиште „Кузман Јосифоски-Питу“.
Јасмина Бориќ, професор од средно економско училиште од Сомбор, Србија вели дека вештините кај учениците мора да се надградуваат.
-Третпат сум во Прилеп. Градот и Македонија ги запознав преку програмата „Еразмус+“. Нашите ученици, келнери и готвачи беа кај вас на практична работа. Економските и угостителските занимања многу се барани во Србија и во Европа. Вештините кај учениците мора да се надградуваат и да се негуваат оти се барани на пазарот на трудот, вели Бориќ.
Доан Сулејманоски, директор на СУГС „Шаин Јусуфи“ од Скопје како поранешен ученик на прилепското економско училиште смета дека ваквите настани се одлични за учениците да го најдат својот избор.
– Бев ученик во прилепското економско училиште. Сега сум директор на средно училиште во Скопје. Училиштата, заедно со прилепското економско-правно средно училиште нудат практични и теоретски стручни можности што се клучни да се покажат вештините, барани на пазарот на трудот, смета Сулејманоски.
Прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски ја поддржува иницијативата, но и можноста да се оспособат потребните кадри за стопанството.
-Во Прилеп имаме добра образовна инфраструктура. Очекуваме и во иднина да произведуваат висококвалитетни кадри што ги бара стопанството. Волокалната администрација размислуваме како уште повеќе да ги приближиме бараните кадри до стопанството – вели Проданоски.
Економско-правното училиште „Кузман Јосифоски Питу“ денеска го одржа и својот „Отворен ден“ за деветтоодделенците за да им ги понуди програмите на учење. Во новата учебна година, училиштето ќе запише вкупно 135 ученици.
МИА

