Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп вечерва во 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Девојките на Марко“, работена според култната француска фарса „Боинг Боинг“ од Марк Камолети, во превод, адаптација и режија на Синиша Евтимов. Станува збор за современа и динамична комедија сместена во модерен Прилеп од паралелен универзум, која низ многу хумор и неочекувани ситуации ја следи приказната за Марко и неговите љубовни авантури со три стјуардеси, чии животи конечно ќе се вкрстат.
Во претставата играат: Димитар Ѓоргиевски, Илија Волчески, Јасмина Мицовска-Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Наташа Ачански и Лора Штарго. Сценографијата и костимографијата се на Илина Ангеловска, а изборот на музика на Синиша Евтимов.
Во нашата верзија, во „Девојките на Марко“, имаме асимилација на ликовите и топонимите, а дејствието го пренесуваме во современ и модерен Прилеп од иднината или подобро кажано, Прилеп од паралелен универзум. Заплетот е многу едноставен и е проектиран околу животот на еден релативно успешен млад човек, Марко и неговите проблеми со три девојки, со кои, тој се забавува, во прецизно определени временски периоди, внимателно испланирани, со цел тие никогаш да не се сретнат, вели режисерот Евтимов.
– Битен фактор за оваа игра да успее, е нивната професија. Сите три се стјуардеси, со свои планови на летање кои не се поклопуваат, се разбира до кобниот ден, кога токму тоа ќе се случи. Во целата збрка, се вклучува и најдобриот пријател на Марко, Војдан, кој се обидува да му помогне на својот пријател во емоционалното жонглирање. Несуден диригент на оваа лакрдија е куќната помошничка на Марко, Марта, која е постојано на сцената и со многу импровизации се обидува да ги оправда нештата кои се случуваат околу неа.Ова е претстава за ведрата страна на животот, за оние мали искри во секој од нас кои го стартуваат „joie de vivre”. За пријателството, и неговото значење во моментите кои го одредуваат патот кон остатокот од животот. Претстава која со сигурност ќе донесе свежина на репертоарот на театарот „Војдан Чернодрински“. Совршен проект за добра забава и сериозна игра на фантастичниот ансамбл и добра причина за прилепчани да ја полната салата на домот на културата, во отсуство на вистинска театарска куќа, се надевам, не за долго – вели Евтимов.

