Повеќе од 600 прилепски првачиња денеска присуствуваа на едукативната театарска претстава што се одржа во големата сала на Центар за култура „Марко Цепенков“, во организација на Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и Општина Прилеп.
Претставата со наслов „Застани, погледни, па на пешачки помини“ е дел од едукативната кампања „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
-Сакаме да ги подигнеме сообраќајната свест и култура кај најмладите учесници во сообраќајот. Со претставата децата се запознаваат со основните пртавила и прописи како самостојно да учествуваат во сообраќајот за да не се случуваат несакани последици, изјави Горан Ангеловски, претседател на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата
Следната активност е насочена кон безбедноста на матурантите за време на матурските прослави која дава резултати.
– Главната цел е да им укажеме на матурантите да не консумираат алкохол и да не управуваат со возило, туку да користат организиран такси превоз или јавен транспорт. Овие кампањи даваат резултати – минатата година немавме ниту еден случај со смртно настрадан матурант – додаде Ангеловски.
Прилеп ги детектира критичните точки во сообраќајот и прави сообраќајна студија. Со дронови ги следи состојбите и бројот на возилата на крстосниците.
-Сметам дека постепено ја подобруваме безбедноста во градот, но сѐ уште сме далеку од оние норми кои треба да ги имаме, како европска земја. Тоа ќе го правиме во подобрувањето на инфраструктурата. Се консултираме со Техничкиот факултет од Битола за да знаеме што сѐ треба да направиме пред да ја направиме сообраќајната студија за отстранувањето на критичните сообрајни точки во градот. Ги има три. Станува збор за крстосници. Минатата недела лансиравме дронови кои снимаат крстосници, односно бројат сообраќај. Измеривме неколку крстосници каде има сериозно задушување на сообраќајот. Бројките ќе ги доставиме до Техничкиот факултет кој ќе ни даде решенија за тие критични точки, објаснува прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
Извор и фото: МИА

