Берзанските индекси на Волстрит во вторникот паднаа втор ден по ред, под притисок на растот на цените на нафтата и слабеењето на акциите на производителите на чипови.
Индексот Dow Jones се намали за 0,22 отсто, на 53.343 поени, S&P 500 падна за 0,69 отсто, на 7.691 поен, додека Nasdaq загуби 1,33 отсто и се спушти на 26.289 поени.
Во фокусот на инвеститорите се цените на нафтата, кои продолжија да растат поради недостатокот на напредок во мировните преговори меѓу САД и Иран. Ормускиот Теснец, кој е клучна рута за извоз на нафта од Блискиот Исток, и натаму останува затворен пренесува банкарство.
Растот на цените на енергенсите би можел дополнително да ја поттикне инфлацијата и да ги принуди централните банки, вклучително и американската Федерална резерва, да ги зголемат каматните стапки.
Истовремено растат и приносите на американските државни обврзници, при што приносот на 30-годишните обврзници достигна највисоко ниво од 2007 година. Повисоките приноси обично создаваат дополнителен притисок врз берзанските пазари, особено врз технолошките компании.
Најголем пад забележаа акциите во секторот на информатичката технологија, во просек за 1,9 отсто. Особено погодени беа производителите на чипови, меѓу кои Nvidia и Micron Technology, додека индексот PHLX Semiconductor падна за пет отсто.
Од друга страна, растот на цените на нафтата ги поддржа енергетските компании, чии акции во просек поскапеа за 1,8 отсто.
Негативното расположение се пренесе и на азиските берзи. Индексот MSCI за азиско-пацифичкиот регион во средата наутро беше во минус за 1,7 отсто, втор ден по ред.
Акциите во Австралија, Индија, Шангај, Јапонија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,2 и 5,9 отсто, додека во Хонг Конг беше забележан благ раст.

