Во фоајето на НУ Центар за култура – Битола, вечерва (19 јули 2025) со почеток во 19:00 часот ќе се одржи промоцијата на стрипот „Русалии – Танц и Традиција“ од младиот илустратор Димитри Балојани.
Овој стрип претставува уникатна визуелна фузија на традиционалната македонска култура со современ израз. Преку јазикот на стрипот, Димитри ги пренесува мистичните движења, боите и симболиката на обредот Русалии – приближувајќи го до младата публика, но и до сите вљубеници во фолклорот и визуелната уметност.
Промоцијата се одржува под мотото „ДЕНЕС за УТРЕ“, инспирирано од идејата дека новата уметност не мора секогаш да биде поставена на сцена или изложбен простор – туку може да оживее и во панели, каде традицијата буквално се движи.
Настанот е отворен за јавноста и е одлична можност за средба со авторот, разгледување на оригинални илустрации и разговор за начините на кои македонскиот фолклор може да се претстави низ модерни медиуми.

