Радио 106 од Битола и оваа година ја продолжува својата долгогодишна традиција и ќе ги прогласи најдобрите артисти и музички изданија од светската музичка сцена во рамки на големото шоу „Најдобрите во 2025!“.
Овој амбициозен проект Радио 106 го реализира уште од 2001 година, со цел да го преточи вкусот на македонската музичка публика во церемонија на доделување награди по примерот на светските музички признанија како Grammy и Brit Awards, но според домашниот вкус, мислење и популарноста на песните кај нашата публика.
Секоја година, Радио 106 продуцира и емитува повеќечасовна спектакуларна шоу-програма, во која се прогласуваат најдобрите хитови и музичари во вкупно 20 категории. Меѓу нив се: најдобра поп, рок, латино, хип-хоп, R&B, денс и саундтрак песна, најдобар ремикс, продуцент, машки и женски артист, најдобра група, хит на годината според Радио 106 и хит на годината според слушателите.
Номинираните артисти и песни претставуваат галерија на звукот на годината – секој запис е своја приказна. „Најдобрите во 2025!“ е кулминација на музичката година и звучен преглед на моментите, песните и уметниците што ја обележаа 2025 година.
Ова ќе биде 24-то по ред прогласување на „Најдобрите“, а шоуто ќе изобилува со ексклузивитети, концертни изведби на најпознатите хитови, рецензии на музичките изданија, анализи на светската музичка сцена, како и изјави од самите музички ѕвезди.
Премиерното издание на „Најдобрите во 2025!“ ќе се емитува на фреквенцијата на Радио 106 – Битола (106.6 FM) на 30 декември со почеток во 14:00 часот, а репризно на 5 јануари 2026 година во 14:00 часот.
Комплетната листа на номинирани во сите категории, пропозициите, како и можност за преслушување на минатите изданија на шоуто, се достапни на официјалната веб-страница www.106.com.mk.
Покрај ова големо музичко шоу, Радио 106 ја продолжува и својата препознатлива новогодишна традиција „Новогодишно шоу на 106-ка“, кое ќе се одржи на 31 декември од 10 до 15 часот, со вклучувања во живо, дружење со слушателите и бројни подароци, настан кој секоја година бележи рекордна слушаност.

