Фудбалската репрезентација на Македонија одигра нерешено без голови против Република Ирска во дуел на двете селекции што останаа без мундијалски билет по полуфиналниот бараж за СП 2026. За разлика од болниот пораз во Копенхаген, овојпат избраниците на Гоце Седлоски делуваа поорганизирано и постабилно во дефанзивата, но натпреварот во целина мина во помирен ритам, без вистинска тензија и динамика.
Првата позначајна закана ја имаше Енис Барди во 26. минута, кога од слободен удар го тестираше Келехер, кој сигурно интервенираше. Речиси веднаш возврати Фин Азаз, но неговиот обид заврши над голот на Столе Димитриевски.

Во продолжението Ирците беа нешто поактивни, особено преку Трој Перот. Напаѓачот најпрво шутираше со глава право во Димитриевски, а потоа и непрецизно од коса позиција. Најдобрата можност ја пропушти во 39. минута, кога по грешка на Дарко Велковски се најде во идеална ситуација, но повторно не успеа да го погоди голот. Неговиот погодок во финишот на првото полувреме беше поништен поради офсајд.На стартот од второто полувреме, Седлоски внесе свежина со Мусовски, Ристовски и Серафимов, но Ирска продолжи да создава полушанси. Перот и Азаз повторно се обидоа, но без прецизност, додека во 62. минута ударот на Лијам Скејлс беше навремено блокиран од Бобан Николов.
До крајот, македонскиот селектор им даде шанса на поголем дел од резервистите, а најзрелата прилика за „црвено-жолтите“ ја имаше Мусовски во судиското продолжение, кога не успеа да се избори со противничката одбрана. Џони Кени се закани кон голот на Столе Димитриевски, но нашиот голман одлично интервенираше.
На крајот, реми без голови како најреална слика за натпревар во кој доминираше претпазливоста, а изостана квалитетната завршница.

РЕПУБЛИКА ИРСКА – МАКЕДОНИЈА 0-0
Стадион „Авива“. Гледачи: 39.560. Судија: Иван Грифит (Велс). Жолт картон: Столе Димитриевски (Македонија).
Ирска: Келехер, Еган, Колинс, Оши, Колман, Најт, Молумби, Скејлс, Огбене, Азаз; Парот.
Македонија: Димитриевски; Зајков, Фетаи (65′ Муслиу), Велковски (46′ Серафимов), Херера, Алими (60′ Дориев), Костадинов (60′ Николов), Барди (46′ Мусовски), Чурлинов (60′ Рамадани – 71′ Бејтулаи), Елмас (60′ Станковски), Растодер (46′ Ристовски).

