Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија ќе биде домаќин на 13. сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) во организација на Европското движење. Тема на настанот е „Руралниот развој и можностите на младите за претприемаштво“.
Дијалогот ќе се фокусира на суштински прашања како да се дојде до поквалитетно образование и обуки, но и како да се отворат соодветни работни места. Во рамки на сесијата ќе бидат претставени еропските практики за поддршка и поттикнување на претприемаштвото, како и дел од европските програми и искуства конкретно за руралното претприемаштво како катализатор за задржување на младите и нивно активно вклучување во иницијативи за развој на руралните подрачја.
Воведно обраќање во темата ќе има словачката амбасадорка Ивета Хрицова, а на форумот ќе учествуваат македонски и словачки експерти по земјоделство, како и претставници на младински организации, земјоделски здруженија, млади фармери, академската заедница, граѓанскиот сектор и други меѓународни партнери, кои се очекува преку инклузивен дијалог да изградат заеднички идеи и препораки за создавање подобра средина за младинско претприемаштво во руралните средини и зајакнување на улогата на младите како лидери и иноватори во своите заедници.

