Топлото јунско сонце, бројните туристи и преполниот Широк Сокак му дадоа посебна атмосфера на денешниот ден во Битола.
Со стартот на најдолгото и најсодржајно културно лето во земјава, градот повторно пулсира во ритамот на уметноста, музиката и забавата. Паралелно со Битфест, започнува и фестивалот „Битола отворен град“, кој дополнително ја збогатува понудата за граѓаните и посетителите.
Широк Сокак, како препознатливо срце на градот, денес беше исполнет со раздвиженост, смеа и разговори. Битолчани, но и туристи од земјава и странство, уживаа во традиционалното саботно „корзо“, кое и овојпат ја потврди својата улога како место за дружење и социјален живот.
Нашата екипа беше на терен за да ја долови атмосферата и најновите моменти од оваа жива градска слика. Со почетокот на летната сезона, Битола повторно се позиционира како еден од најатрактивните културни центри, нудејќи богата програма за сите генерации.
Во наредниот период, граѓаните и посетителите ќе имаат можност да проследат бројни настани – концерти, театарски претстави, изложби и фестивали, кои ќе го одбележат летото во градот под Пелистер.
Се гледаме и наредната сабота повторно на Шеталиште!
















































