Велигденската сабота во Битола повторно го донесе препознатливиот ритам на „корзото“ по Широк Сокак. Централното градско шеталиште беше исполнето со насмевки, средби и празнична енергија која ја негува духот на градот.
Граѓаните, од најмладите до повозрасните, излегоа да прошетаат, да се видат со пријатели и да уживаат во убавото пролетно време. Широк Сокак уште еднаш покажа дека не е само улица, туку сцена на секојдневниот живот, место каде што се создаваат спомени и се пренесува традицијата од генерација на генерација.
Празничната атмосфера се чувствуваше на секој чекор – шарените велигденски јајца, детскиот џагор и поздравите меѓу пријатели го правеа „корзото“ уште повесело и пораздвижено.
Нашата екипа беше таму за да ја долови атмосферата и духот на битолчани, кои и овојпат потврдија дека саботното корзо е дел од идентитетот на градот.
Се гледаме и наредната сабота на Широк Сокак – на ново издание на битолското „корзо“, со нови средби и нови приказни.































































































