Сашо Илковски е назначен за нов директор на Центарот за култура во Битола. Одлуката е донесена со решение на министерот за култура Зоран Љутков на 22 јули 2025 година, а мандатот на Илковски ќе трае четири години.
Сашо Илковски е магистер по инженерство и менаџмент, со повеќе од 20 години професионално искуство во културата, јавната администрација, дигиталните технологии, маркетингот и управувањето со проекти. Во последниот период тој работеше како стручен соработник за музичко-сценска дејност во НУ Народен театар – Битола.
Во својата кариера Илковски има реализирано бројни активности во областа на графичкиот и веб дизајн, развој на мултимедијални решенија, дигитален маркетинг, организација на настани и европски проекти.
Тој е наградуван за најдобар рекламен материјал на 57-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и е дел од официјалниот каталог на осмото меѓународно Биенале на театарски плакати во Вараждин 2025, со две свои дела во селекција од 50 најдобри плакати.
Како дел од НУ Народен театар – Битола, Илковски учествувал во брендирање на над 35 театарски претстави, Фестивалот на монодрама, битолското културно лето „Бит фест” и други културни проекти, со посебен фокус на дигитален маркетинг и мултимедија.
Покрај тоа, Сашо Илковски има искуство во координација на европски проекти, техничка ИТ-поддршка, како и во процеси на јавни набавки, каде што бил член на комисија и обучувач за постапките.
Со своето долгогодишно искуство и креативен пристап, Илковски најавува нови иницијативи за унапредување на културната сцена во Битола.
Фото: Сашо Илковски (Фејсбук профил)

