„Секогаш ќе ги паметиме нивните дела, но и насмевките“: Болница Плодност им оддаде почит на тројцата професионалци кои загинаа во страотна сообраќајка

0
Споделивања

Македонската јавност со огромна тага ја проследи веста дека тројца врвни професионалци ги загубија животите во сообраќајна несреќа на патот Битола-Прилеп.

Прим. д-р Александар Ристески, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска починаа на самото место по сударот со камион кој пренесувал лесно запаливи материи.

Погодени од тажната вест за оваа голема загуба, од болницата „Плодност“ објавија соопштение за да им оддадат почит на прерано починатите медицински лица.

Со длабока болка, тага и неизмерна жалост, ја примивме веста за тешката загуба на нашиот медицински персонал, кој денес загина во сообраќајна несреќа.

Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава, доаѓајќи на своите работни места од Прилеп.

Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница Плодност со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги.

„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните ченови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“ – рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница Плодност.

Со соодветен комеморативен настан, Болница Плодност ќе им оддаде почит на трагично загинатите колеги.

0
Споделивања
Exit mobile version