Собранието на Република Северна Македонија е домаќин на 23. Конференција на КОСАП – Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на земјите учеснички во процесот на стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа.
Конференцијата ќе ја отвори и со неа ќе претседава потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, додека поздравно обраќање ќе имаат претседателот на Собранието, Африм Гаши, амбасадорката на Германија Петра Дрекслер и генералениот секретар на Регионалниот совет за соработка Амер Капетановиќ.
На настанот е предвидено учество на делегации од парламентарните комисии за европска интеграција од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како и гостински делегации од Големото национално собрание на Турција и Парламентот на Грузија.
Конференцијата традиционално се организира со поддршка на Советот за регионална соработка (RCC) и Германското друштво за интернационална соработка (GIZ), во име на Германското федерално министерство за економска соработка и развој.
Според агендата, по отворањето ќе следува прва сесија посветена на улогата на Берлинскиот процес во зајакнувањето на регионалната соработка на Западен Балкан, на која ќе се обратат амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас и претседателката на Комисијата за европски прашања на Хрватскиот сабор, Јелена Милош.
Втората сесија ќе биде фокусирана на унапредување на регионалната поврзаност преку модерна транспортна инфраструктура, енергетска безбедност и зелена транзиција, со учество на заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, како и заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ.
Третата сесија ќе се однесува на процесите на европска интеграција на земјите од Југоисточна Европа во актуелниот геополитички контекст, а говорници ќе бидат заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, и експертката за Европската Унија, Малинка Ристевска-Јорданова.
По завршувањето на дискусиите, предвидено е усвојување на заедничка изјава и затворање на Конференцијата, по што ќе следуваат изјави за медиумите.
Извор и фото: МИА

