НАЈНОВО

Економија

Со новиот сет антикризни мерки опфатени и 120.00 млади

На вчерашната владина седница беше усогласен деветтиот пакет антикризни мерки, во вредност од 662 милиони евра кој содржи 26 мерки за социјална сигурност, наменети за поддршка на ранливите категории на граѓани и компании. Со мерките се опфатени и 120.000 млади лица кои ќе добиваат поддршка од новиот пакет антикризни мерки.

Како што соопшти вчера премиерот Димитар Ковачевски, над 105 илјади ученци во основното образование и средношколците во наредните шест месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно, за што од буџетот за оваа финансиска поддршка ќе се издвојат вкупно 14,3 милиони евра.

Предвидени се и ваучери за 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање. Студентите во наредните седум месеци ќе добиваат месечни ваучери во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени два милиони евра.

Се грижиме за најранливите, за нивната социјална сигурност. Во наредните 5 месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надоместок заради попреченост, за самохрани родители – корисници на Гарантирана минимална помош и за родители на деца со попреченост до 26 години. Со оваа мерка се опфатени 16.741 граѓани, со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиони евра – соопшти Ковачевски.

Мерките ќе почнат да важат од 1 декември, а некои мерки во зависност од исплатата ќе почнат од јануари. Со мерките, покрај 120 илјади млади лица, опфатени се над 74 илјади социјално ранливи категории граѓани, повеќе од 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, 540 илјади корисници на апликацијата „Мој ДДВ“, 600 илјади домаќинства, како и повеќе од 70 илјади компании.

Поврзани новости