Претседателот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, јавно му оддаде признание на младиот тракторист Александар Чепиговски од селото Ивањевци, за неговиот придонес во справувањето со пожарот со село Лознани.
Ангелов ја истакна храброста и вештината на младиот тракторист, кој со својот трактор се вклучил во борбата со огнената стихија, изложувајќи се на голем ризик.
„Посебно сакам да го истакнам и да му се заблагодарам на младиот тракторист Аце – Александар Чепиговски од с. Ивањевци, кој покажа извонредна вештина во управувањето со неговиот огромен трактор, изложувајќи се на голем ризик, орајќи директно низ линијата на огнот, со што го сопре ширењето на пожарот на повеќе места“, рече Ангелов.
Според директорот на ДЗС, токму интервенцијата на Чепиговски помогнала ширењето на пожарот да биде запрено на повеќе места.
Со својата храброст и брза реакција, младиот тракторист дал значаен придонес во напорите на терен за ставање на огнот под контрола.
Видео и инфо: Фејсбук страна на ДЗС

