Битола синоќа официјално го започна најдолгото и најсодржајното културно лето – БИТ ФЕСТ, со спектакуларната изведба на мјузиклот „Као какао“ во преполната сала на Центарот за култура.
Станува збор за впечатлива љубовна приказна инспирирана од безвременската музика на Влатко Стефановски, со текст на Венко Андоновски и во режија на Дејан Пројковски. Ова продукциско дело обедини врвни уметници од повеќе области: пишан збор, музика, режија, актерство и сценски менаџмент, со голем број учесници на сцената.
Режисерот Пројковски истакна дека мјузиклот носи силна порака:
„Не е доволно човекот само да сонува, туку мора да се бори и да верува за да ги оствари соништата. Многу е важно во животот од гасеница да станеш пеперутка, бидејќи останатите луѓе се раѓаат и умираат како гасеници“.
Со отворањето на фестивалот, Битола повторно започна да живее во ритамот на уметноста, музиката и сценската магија. Директорот на Културниот и информативен центар, Димитар Михајловски, нагласи дека програмата е внимателно подготвувана со цел да понуди врвен квалитет за публиката.
„Од пристигнатите апликации избравме 70 настани, заедно со традиционалните манифестации кои се одржуваат во Битола. Ова е фестивал што ги обединува сите генерации, со содржини за најмладите, но и за повозрасните“, истакна Михајловски.
На свеченото отворање се обрати и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој потенцираше дека годинава фестивалот го доживува своето 18-то издание.
„Битола и ова лето ќе пулсира со богатата програма на фестивалот. Заедно ја негуваме културата, уметноста и традицијата, најголемите вредности што можеме да ѝ ги подариме на Битола и на Македонија“, рече Коњановски, прогласувајќи го фестивалот за отворен.
Во рамки на БИТ ФЕСТ, публиката ќе има можност да проследи низа настани, меѓу кои „Битола отворен град“, „Илинденски денови“, „Локум фест“, „Бела ноќ на Широк Сокак“, концерти на класична и современа музика, изложби, театарски претстави и мултимедијални перформанси.
Фестивалот ќе трае до 29 август, кога ќе биде затворен со јубилеен концерт на групата „Фолтин“.
Фото: Општина Битола

