Според народните верувања, овие неколку предмети денеска никако не треба да ги допирате!
Македонската православна црква заедно со верниците денеска (9 октомври) го одбележуваат споменот на светиот апостол и евангелист Јован Богослов, еден од првите и омилените ученици на Исус Христос, кој заедно со својот брат Јаков беше наречен „син на громот“.
Јован беше син на Зеведеј и рибар на Галилејското Езеро.
Тој е единствениот од апостолите кој остана под крстот на распнатиот Исус заедно со Пресвета Богородица, ветувајќи дека ќе се грижи за неа сè до нејзиното заспивање.
Жив се спуштил во својот гроб, а телото исчезнало
По слегувањето на Светиот Дух, Јован заминал во Ефес да го шири Евангелието. Поради својата вера бил прогонуван, мачен и затворен на островот Патмос, каде што ги напишал своето познато Евангелие и Откровението.
Свети Јован Богослов поживеал повеќе од 100 години. Кога почувствувал дека му се ближи часот, побарал од своите ученици да му ископаат гроб во форма на крст и жив се спуштил во него. Кога неговите верни следбеници подоцна го отвориле гробот, неговото тело не било таму.
Црквата го прославува овој светител двапати во годината: на 9 октомври (спомен на неговото упокојување) и на 21 мај, кога од неговиот гроб се издигнува лековит прав со кој верниците се исцелуваат.
Тропар
Апостоле Христов, возљубен од Бога, побрзај да ги избавиш луѓето беспомошни; Оној што те прими на своите гради, ќе те прими и кога за нас ќе Го помолиш; Него моли Го, Богослове, да ја растера маглата на паганството, просејќи мир за нас и милост голема.
Кондак
Твоето величие, девственику, кој може да го прикаже, зашто ти точиш чудеса и излеваш исцеленија, и се молиш за душите наши, како богослов и Христов пријател.
Обичаи и народни верувања за денешниот ден
Според народната традиција и верувањата кои се пренесуваат со генерации жените денеска треба да избегнуваат работа со игли, ножици и не треба да плетат, за според верувањето, глувците да не ја уништуваат облеката и текстилот во домот.
Во руралните средини, стоката денеска се одмора од тешка полска работа, а во многу региони низ целиот Балкан, токму од овој ден започнува есенскиот период на свадби и веселби.
Кои други големи црковни празници нè очекуваат до крајот на октомври?
Месец октомври за православните верници носи уште неколку големи и омилени празници кои во домовите носат мир, молитва и традиција.
Покров на Пресвета Богородица – 14 октомври
Еден од најомилените есенски празници. Посветен е на настанот од 10. век кога Богородица во Цариград се појавила пред верниците и со својот покривач (омофор) симболично го заштитила народот. Во народната традиција, овој ден носи слога во домот, па се избегнуваат кавги и тешки физички работи.
Света Петка (Преподобна мајка Параскева) – 27 октомври
Еден од најважните датуми во годината. Света Петка е исклучително почитувана како заштитничка на жените, семејството и здравјето. На овој ден жените традиционално ги одмараат рацете од тешки домашни работи (шиење, перење, месење) за духовен мир во домот.
Покрај овие празници, до крајот на месецот следуваат и Светиот Апостол Тома, Преподобен Теофил Струмички, Светата великомаченичка Злата Мегленска, Четириесет Битолски преподобномаченици, како и Светиот апостол и евангелист Лука.

