Актуелниот градоначалник на Општина Новаци, Стевче Стевановски, ќе ја промовира својата кандидатура за втор градоначалнички мандат на настан што ќе се одржи во среда, со почеток од 20:00 часот во дворот на Општина Новаци.
Промоцијата следува откако ВМРО ДПМНЕ официјално го номинираше Стевановски како кандидат за продолжување на неговото водење на општината. Во својата објава до јавноста, Стевановски упати порака до граѓаните, потенцирајќи дека оваа кандидатура претставува продолжување на започнатите проекти и визија за уште поголем напредок на Општина Новаци.
„Заедно ги започнавме промените, заедно ги градиме успесите и заедно ќе продолжиме напред со работа, со проекти и со силна визија за Новаци какво што го заслужуваме сите ние“, напиша Стевановски.
Тој додаде дека ова не е само негова кандидатура, туку и кандидатура на партијата за сите оние кои веруваат во чесна и посветена работа.
Настанот е отворен за јавноста, а од ОК ВМРО ДПМНЕ – Новаци очекуваат масовна поддршка од граѓаните.

