Јавното претпријатие „Комуналец“ – Битола во 2026 година очекува значително подобрување на финансиската состојба, изјави директорот на претпријатието, Горан Степановски.
Според него, за реална слика на состојбата во „Комуналец“ неопходно е да се согледа периодот од преземањето на раководењето во 2021 година, активностите реализирани во периодот 2022-2025, како и плановите и предизвиците што следуваат.
Степановски посочи дека во 2021 година претпријатието се соочило со сериозни финансиски проблеми, вклучително и недостиг на средства за исплата на плати, состојба која била брзо надмината. Сепак, од 2021 година наваму „Комуналец“ континуирано работи со загуба, како резултат на неколку клучни фактори.
„Во 2022 година се соочивме со тужби од вработени за бенифициран стаж, што беше нивно законско право, но неисплатено во минатото. Тоа беше првиот сериозен финансиски удар за претпријатието. Со координација и соработка со синдикатите и вработените, овие обврски се сервисираат и денес редовно се исплаќаат заедно со платата. Дополнително, се соочивме и со отплата на кредит, чиј прв ануитет доспеа во истиот тежок период, но беше навремено сервисирана до 2024 година“, истакна Степановски.
И покрај финансиските предизвици, ЈП „Комуналец“ континуирано и навремено ги извршува основните комунални активности, како што се собирање и подигнување на сметот, одржување на јавните зелени површини и унапредување на јавниот простор.
Во изминатиот период реализирани се низа инвестиции, меѓу кои поставување на нови елементи во шест маалски детски паркови и паркот кај Довлеџик, уредување на Офицерскиот дом, уредување на нов кружен тек меѓу улиците „Прилепска“ и „Баталјон Стив Наумов“, како и обновување на возниот парк со три нови возила за собирање на смет.
Претпријатието активно учествува и во меѓуграничен проект со вкупна вредност од 851.754 евра, преку кој „Комуналец“ ќе добие центар за повторна употреба на материјали, возило и други ресурси, со учество од околу 30 отсто од вкупните средства.
Степановски нагласи дека во изминатите четири години, платите на вработените биле коригирани во пет наврати, со просечно зголемување од околу 12.000 денари нето по вработен, што дополнително влијаело врз финансискиот биланс на претпријатието.
„Цените на услугите не се променети повеќе од 30 години, за разлика од другите градови во околината, каде што во овој период имало повеќекратни корекции“, потенцираше директорот.
Во наредниот период, со корекција на цените, како што најави Степановски, ќе се санираат наталожените трошоци од изминатите години, а ќе се инвестира и во нова механизација и возила неопходни за непречено и квалитетно функционирање на претпријатието.
Корекцијата на цените, според него, ќе се спроведува внимателно и во согласност со животниот стандард на граѓаните.

