Тамара Гарческа, претставничка на младите либерал-демократи од Битола, излезе со иницијатива за изградба на постојана, покриена летна сцена во Градскиот парк, која би служела како современ простор за одржување на концерти, културни настани и манифестации.
„Постојана, покриена летна сцена не е само идеја, тоа е неопходност за културниот, социјалниот и економскиот раст на градот“, вели Гарческа, нагласувајќи дека Битола, како културен центар, заслужува инфраструктура што ќе го поттикне и збогати нејзиниот културен живот.
Според иницијативата, сцената би била лоцирана на површина од 1.000 м², со капацитет да прими околу 2.500 посетители. Градскиот парк е предложен како најсоодветна локација, со цел да се обезбеди комфорен и организиран амбиент кој ќе овозможи почести концерти и настани, поттикнувајќи ја енергичната културна сцена во градот.
„Ова не е само градежен проект, туку инвестиција во културната иднина на Битола, која ќе придонесе за економски раст и зголемување на граѓанската гордост“, додава Гарческа.

