Грчкиот туристички сектор бележи значителен раст во првите четири месеци од 2026 година, покажуваат најновите податоци за туристичкиот промет и приходите од странски посетители.
Само во април приходите од меѓународниот туризам достигнале 1,11 милијарди евра, што претставува зголемување од 9,5 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Воедно, суфицитот во туристичкиот биланс се зголемил на речиси 736 милиони евра.
Главен двигател на растот е зголемениот број странски туристи. Бројот на пристигнувања е зголемен за 10,6 проценти, иако просечната потрошувачка по патување е намалена за еден процент.
Во периодот од јануари до април туристичкиот суфицит достигнал 1,66 милијарди евра, што е за повеќе од 58 проценти повеќе во однос на истиот период лани. Вкупните приходи од туризмот пораснале за 752,9 милиони евра и достигнале 2,79 милијарди евра.
Во првите четири месеци од годината Грција ја посетиле 5,24 милиони странски туристи, што претставува раст од 27,1 процент во однос на 2025 година. Особено е забележителен растот на посетителите кои пристигнале преку копнените гранични премини, каде е регистрирано зголемување од 67,8 проценти, додека бројот на патници што пристигнале по воздушен пат е зголемен за 12,8 проценти.
Приходите од туристи од земјите на Европската Унија пораснале за 38,7 проценти и достигнале 1,37 милијарди евра, додека приходите од посетители од земји надвор од ЕУ се зголемиле за 37,5 проценти, достигнувајќи 1,34 милијарди евра.
Меѓу најзначајните пазари се издвојува Италија, од каде приходите се зголемиле за 57,5 проценти, а бројот на туристи за 21,6 проценти. Значителен придонес има и Обединетото Кралство, чии туристи потрошиле 331,7 милиони евра, при што бројот на нивните патувања е зголемен за 51 процент.
Позитивни резултати бележи и францускиот пазар, со раст на приходите од 12,6 проценти и зголемување на бројот на туристи за 14,1 процент.
Податоците укажуваат дека туристичката сезона во Грција започнала многу успешно, со двоцифрен раст на бројот на посетители и туристичките приходи, што дополнително придонесува за економскиот раст на земјата.
Извор: EuroNews

