Цените на нафтата на меѓународните пазари повторно ја надминаа границата од 110 долари за барел, поттикнати од засилените геополитички тензии по најновите случувања на Блискиот Исток. Во вторник наутро, барел нафта од типот Brent се тргуваше меѓу 113 и 114 долари.
На лондонскиот пазар, цената на нафтата Brent се зголеми за 2,44 долари во однос на затворањето во петокот и достигна 110,61 долари за барел. Во текот на минатата недела, цените накратко ја надминаа и границата од 126 долари, по што следеше корекција надолу. На американскиот пазар, пак, нафтата од типот WTI поскапе за 1,38 долари и достигна цена од 103,32 долари за барел.
Во фокусот на пазарите е новата иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп, која има за цел да го олесни транзитот на бродови блокирани во Ормутскиот теснец. Тој најави дека САД ќе започнат активности за извлекување бродови од неутрални земји, опишувајќи ја акцијата како „хуманитарен потег“ насочен кон помош на држави кои не се вклучени во конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.
Истовремено, Иран упати закани дека ќе реагира на секое присуство на странски воени сили во теснецот. Иранските власти предупредија дека сите бродови ќе мора да се координираат со нивните вооружени сили при преминување, а во спротивно би можеле да бидат цел на напади.
Дополнителна неизвесност создадоа извештаи на иранските медиуми за наводни инциденти со американски воени бродови, кои не беа независно потврдени. Американски претставници ги негираа ваквите информации.
Тензиите го зголемуваат стравот од подолготрајно нарушување на сообраќајот низ Ормускиот теснец, кој е еден од најважните светски патишта за транспорт на нафта.
Според податоците на ОПЕК, цената на барел од нивната референтна кошничка во петокот изнесувала 121,11 долари, што е значително зголемување во однос на претходниот ден.
Аналитичарите предупредуваат дека неизвесноста околу развојот на ситуацијата на Блискиот Исток ќе продолжи да има силно влијание врз движењето на цените на нафтата на светските пазари пренесува банкарство.

