Имран Фетаи беше херојот на Шкендија и го спаси својот тим од пораз со гол во 96.минута (2-2) од мечот во Струга, за потоа после изведувањето на пеналите (7-6) ја елиминира Струга Трим.
Тетовци се пласира во полуфиналето на Купот, каде ќе се соочат со Шкендија Арачиново, додека во второто полуфинале ќе играат Силекс и Охрид. Натпреварот во Струга понуди вистинска драма и голема борба, а гостинскиот тим буквално во последните секунди избегна пораз и елиминација.
Домашниот тим подобро го отвори мечот и веднаш тргна офанзивно. Првата посериозна закана дојде преку Гледи Мици, кој со волеј ја погоди гредата. Само една минута подоцна, Фал и Шабани одлично комбинираа по левата страна, по што Сенегалецот испрати опасна топка во петерецот. Фетаи не реагираше најдобро, а топката стигна до Марјан Радески на втората статива, кој без проблеми погоди за 1-0 во 13. минута.
Првиот удар во рамките на голот тетовци го имаа дури во второто полувреме преку Нзенге. Тренерот Јетон Беќири во игра го внесе капитенот Бесарт Ибраими, а најдобриот стрелец во македонскиот фудбал успеа да израмни против својот поранешен клуб во 74. минута, откако доби одлична топка зад одбраната од Красниќи (1-1).
Радоста на гостите траеше кратко, бидејќи веќе во 82. минута Струга повторно поведе. Меметриза Хамза изведе вистинско ремек-дело од слободен удар – иако позицијата беше откосо, тој со одличен ефект ја префрли живиот ѕид и погоди директно во аголот од голот на Гаје за 2-1.

До крајот, Шкендија притискаше во обид да се врати во игра, а наградата стигна буквално во последните секунди. По слободен удар на Красниќи, Трумчи ја продолжи топката до Имран Фетаи, кој од непосредна близина погоди за 2-2 и го однесе мечот во пенал-рулет.
Во серијата од белата точка, прецизни беа Компаоре и Ибраими, потоа Хамза и Красниќи. Прв промаши Јевтовски за Струга, а Љатифи со многу среќа реализираше. Во продолжение погодуваа Малески и Трумчи, а во последната серија Бојку и Спахиу беа сигурни за конечна победа на Шкендија од 4-5.

