НАЈНОВО

Автомобили

Владата прво ќе анализира, а потоа ќе забрани увоз на половни возила со под ЕУРО 5 стандард

Долгонајавуваната забрана за увоз на половни возила со под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови во земјава ќе почека на исполнување уште некое време. Од Владата информираат дека најпрво ќе се изврши анализа, по што би се донела одлуката за забрана за увоз, која што беше ветена од министерот за економија Крешник Бектеши уште на почетокот од 2021 година.

Од Владата на РСМ за Мета.мк велат дека во рамките на Министерството за финансии започнало изготвување на анализа за моторни возила и реформи за оданочување на возилата, која е координирана од страна на Светска банка.

„Согласно Анализата од која треба да произлезе Акционен план во кој прецизно ќе треба да биде утврден периодот на укинување на ЕУРО 4 стандард кај возилата и воведување на ЕУРО 5 стандард. Врз основа на овој Акционен план Владата на Северна Македонија ќе треба да донесе одлука за преземање и имплементација на истиот“, информираат од Владата на РСМ.

Мета.мк побара одговори и од Министерството за економија на оваа тема, но не добивме појаснувања во однос на тоа кои активности ги презема Министерството за економија во моментов за подготовка на целокупната постапка во однос на забраната за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандард. Сепак, во нашето претходно обраќање до ова министерство на почетокот од годинава, ни рекоа дека одлуката за промена на нивото на емисија на издувни гасови за возилата ќе треба да дојде од владата, додека тие како министерство треба само да ја спроведат со измена на правилниците.

Инаку, министерот за економија Крешник Бектеши најпрво на 26 јануари 2021 година изјави дека токму таа година ќе треба да се зголеми стандардот за увоз на возила во нашата држава, односно да се забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандард. Изјавата тогаш што ја даде министерот Бектеши не се оствари до крајот на 2021 година, ниту пак беше спроведена од Владата на РСМ во текот на 2022 година, а нема детални информации за тоа кога би се спровела истата и за во 2023 година.

Во меѓувреме, увозот на половни возила продолжува да расте со незапирливо темпо. Лани во земјава биле импортирани вкупно 25.513 половни возила, при што најголемиот дел од нив – 23.381 биле автомобили. Според податоците од Царинската управа на РСМ, од либерализацијата на мерките за увоз на половни возила во периодот од 2009 до 2022 година во Македонија се внесени 429.129 стари автомобили, автобуси и камиони.

Поврзани новости