НАЈНОВО

Прилеп инфо

Во Прилеп се одржува манифестацијата „Денови на Крали Марко“

Во Прилеп денеска и утре се одржува традиционалната манифестација „Денови на Крали Марко“. Опеаниот јунак во народното творештво, не само во нашата земја, туку и на Балканот, остави траен белег во историјата на градот кој го има како препознатливост. Најмногу по тврдината и Марковите кули.

Манифестацијата е во организација на локалната самоуправа и се одржува по 15. пат. Се одбележува смртта на Крали Марко, кој живеел од 1335 до 1395, кога е убиен, на 17 мај. Кралството на Марко било со седиште во Македонија, со Прилеп како главен град.

Манифестацијата ќе биде отворена вечерва од 19 часот, кога хорот на „Света Петка“ со вокалниот ансамбл „Пелагонитиса“ ќе одржи концерт во црквата „Свети Никола“ во Варош во Прилеп, а утре од 19.30 часот, Драган и Ратко Даутовски ќе одржат концерт во амфитеатарот кај карпата со лик на слон под Марковите кули.

Деновиве во училиштата, учениците се потсетуваат на песните, приказните и преданијата од народното творештво за Крали Марко, кој иако турски вазал, бил „заштитник на народот“, а во творештвото е претставен како голем јунак. Наставниците потсетуваат и на историските факти за синот на Волкашин, Крали Марко.

– Крали Марко е препознатливост за Прилеп. И туристите кога доаѓаат, меѓу другото, сакаат да ги слушнат приказните, да ја видат тврдината на Марковите кули. Сето значи голема промоција за Прилеп во што треба уште повеќе да се сложува во иднина, вели Снежана Ристеска, советник за култура во прилепската локална самоуправа.

Поврзани новости