НАЈНОВО

Битола инфо

Во среда започнува 33-то издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“ во Битола

Со концерт на Камерниот оркестар на Битола и солистите Линда Хедлунд од Финска и Антонио Ди Кристофано од Италија в среда на 2 октомври започнува 33-то издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“ кој ќе се одржува до 11-ти октомври.

Свеченото отворање е среда од 20:00 часот во Народниот театар.

Линда Хедлунд / Linda Hedlund припаѓа на врвните виолинисти на нејзината генерација во Финска. Дипломирала Виолина во 2002 година на „Виенскиот Универзитет за музика и изведувачка уметност”. Докторирала класична виолина на „Сибелиус Академија“ во 2010. Во текот на 2019 година специјализира Барокна виолина на „Новиа Универзитет“ во Финска. Линда Хедлунд развива широка концертна кариера во Европа, Азија, САД, Јужна Америка. Настапува на фестивали во Франција, Шпанија, Италија, Данска, Норвешка, со рецитали и како солист со симфониски оркестри: “Вогланд Филхармонија, „Претседателски оркестар на Северен Кипар“, Оркестар на Истанбул, Симфониски оркестар на Лоџ, „Озил симфониски оркестар на Бразил“, Симфонискиот оркестар на Хелсинки, Симфонискиот оркестар на Истанбул. Настапува како солист на Барокна виолина интерпретирајќи стара музика со ансамбли екипирани со автентични, барокни инструменти. Концертира со Хелсиншкиот камерен оркестар, „Австриски камерен оркестар“, „Солистите на Монте Карло“, „Вегелиус камерен оркастар“. Линда Хедлунд е член на жири на познати Интернационални конкурси. Одржува мастеркласи во Јужна Америка, Сингапур, Шангај, Валенсија, Мадрид, Токио. Снима за „NAXOS” и приредува концерти со директен Радио и ТВ пренос.

Антонио Ди Кристофано / Antonio Di Cristofano дипломирал пијано на Конзерваториумот „Ј. Керубини“ во Фиренца во класите на A. Bacchelli и M.Damerini.

Во 2006 дебитирал во Weill Hall и Carnegie Hall, Њујорк. Со концертите во Musikverеin, „Denver Gates Concert Hall“, Варшава, Лоџ, Минхен, Малта, неговата европска кариера постигнува исклучителна афирмација. Свири на пет континенти: во големите музички центри на Египет, Бразил, Аргентина, Јапонија, Кина, Турција, Франција, Италија, Канада, Малта, Кореја, Мексико. Омилен жанр на Ди Стефано е концертантната музика. Настапува како солист со Симфониски и камерни оркестри ширум светот: Чешка Филхармонија, Монтреал Филхармонија, Симфониски оркестар на Сицилија, Словачка Фихармонија, Симфониски оркестар на Лече, Магна Греција оркестар, Јерусалим Симфони, Симфониските оркестри на Радио Букурешт и Радио Прага, Милано симфониски оркестар, Астана симфониски оркестар, Дубровнички симфониски оркестар, Симфониски оркестар на Сао Паоло, Торонто Симфони, Санремо оркестар, Симфониските оркестри на Измир и Истанбул. Одржува мастеркласи и членува во жири комисии на интернационални конкурси во Москва, Осијек, Мадрид, Валенсија, Хонг-Конг, Шангај, Астана, Сеул, Париз, Ашен, Виена, Дубровник, Луизијана.

Покровител и финансиер на фестивалот е Министерството за култура, а спонзор и помагател е Советот на Општина Битола.

Поврзани новости