Македонија

Доаѓа голем православен празник меѓу народот познат како Огнена Марија

Православните верници на 30. јули го одбележуваат празникот на света великомаченичка Марина, во народот познат како Огнена Марија, која се почитува како борец за христијанската вера и заштитничка на жените.

Според народното верување, Света Марина пали и казнува со оган и како и Свети Илија кој казнува со гром, спаѓа во огнени светци.

Обичај е да на овој празник, кога поради големата жештина гори и небото и земјата, ништо да не се работи.

Во преданијата има примери за оган и громови кои во врелите празнични денови го палеле житото, сеното и домовите на луѓето кои работеле на овој празник.

Света Марина била родена во Антиохија, Писидиска, од родители незнабожци. Дури во својата дванаесетта година слушнала за Господ Исус Христос, дека се воплоти од Пречистата Дева, дека изврши многу чуда, прими крсна смрт и славно воскресна.

Таа се заветувала дека никогаш нема да се мажи и со сета душа сакала да пострада за Христа, да се крсти со крв на мачеништво. Татко ѝ ја замразил заради нејзината вера и не ја сметал за ќерка.

Кога царскиот намесник Олимвриј дознал дека е христијанка, побарал од неа да му биде жена, а кога го одбила ѝ наредил да им се поклони на идолите, при што таа повторно одбила.

Тогаш Олимвриј ја подложил на маки и ја фрлил в затвор.

Во затворот ѝ се јавил најпрво ѓаволот како страшна змија и ѝ се намоткал околу главата. Но, штом светителката се прекрстила, змијата се распукнала и исчезнала.

Другиот ден безумниот судија ја мачел во оган и во вода, но Марина сè претрпела. Најпосле била осудена на смрт со меч.

Огнена Марија некои православни семејства ја одбележуваат како света слава. Моштите на оваа светилица почиваат во манастирот Света Марина во Албанија, на планината Лонд над Охридското Езеро.

Поврзани новости