НАЈНОВО

Македонија

Поројни дождови во текот на ноќта може да предизвикаат поплави, предупредува ЦУК

Поројните врнежи од дожд кои се најавуваат дека ќе паднат во текот на ноќта можат да предизвикаат поплави и проблеми во локалната инфраструктура во северо-западните делови на земјата. Предупредувањата од Центарот за управување со кризи (ЦУК) се однесуваат за општините Куманово, Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Охрид, поради шо граѓаните треба да бидат претпазливи.

„Под влијание на циклонска активност започнувајќи од вечерните часови, како и за време на ноќта, се очекуваат врнежи од дожд на целата територија на земјата. Пообилни се очекува да бидат врнежите во западните и северо-западните делови на земјата каде за време на престојната ноќ локално според прогностичките модели се очекува да паднат над 40 л/м2 дожд“, известува УХМР.

Доколку се остварат прогнозите и врнежите бидат интензивни, на мали територии и за кратко времетраење можни се локални проблеми и локални излевања на помалите водотеци и суводолици во крајните западни и северо-западни делови од државата, пред се на оние кои доаѓаат од планинските масиви Шар Планина, Кораб и Дешат, Стогово и Караорман, Бистра и Јабланица. Иако се очекува зголемување на водостојот на реките, не постои опасност од излевање на водите од речните корита.

Во градските средини поради недоволниот капацитет на атмосферската канализација можни се проблеми за локалните жители.

„Предупредуваме на претпазливо движење покрај помалите реки и суводолиците пред се во западните и северо-западните делови на земјата во текот на вечерните часови, како и за време на претстојната ноќ“, велат од Центарот за управување со кризи.

Поврзани новости