НАЈНОВО

Македонија

Просветните работници утре излегуваат на протест

Независниот синдикат за образование и НСОН утре ќе одржи протест со почеток во 12 часот од Жена парк. Учесниците во протестот ќе се движат кон зградата на Министерството за образование и наука.

Како што е најавено, во 13 часот, претставници на синдикатот ќе одржат прес-конференција пред Министерството за образование, на кои ќе ги кажат подетално своите барања, односно НЕ за спојување на наставните предмети и ДА за почитување на колективните договори.

Како резултат на недостаток на социјален дијалог, погазување на работничките права, погазување на достоинството на просветните работници, непочитување на законите и колективните договори, членовите на НСОН ќе го искажат своето незадоволство преку јавен протест.

Незадоволни сме од најавите за спојување на повеќе наставни предмети (Географија, Историја, Хемија, Физика, Биологија, Граѓанско образование, Етика, Информатика, Техничко образование). Ваква појава може да предизвика губење на дел од работните места, а истовремено го погазува професионалниот интегритет на работниците.

Незадоволни сме и од непочитувањето на колективните договори во секторот образование. Во моментов најниската плата за најнизок степен на сложеност изнесува 12.000 денари (НЕТО), а сведоци сме дека минималната плата во државата изнесува 20.175 денари (НЕТО). Министерството за образование и наука нема слух ниту волја да ги почитува законите, а паралелно на сето тоа, сведоци сме како јавните функционери ЕКСПРЕСНО ја спроведоа одлуката на уставниот суд и добија покачување за 78%.

За јавните функционери законот е закон и тој мора да се почитува, а за просветните работници не важат истите правила, велат од НСОН.

Поврзани новости