НАЈНОВО

ЖивотПсихологија

Совети за родители: Што да направите за вашето дете да ги почитува другите деца и да не ги малтретира?

Никогаш немојте да користите навредливи зборови кон детето. Во спротивно, детето ќе смета дека ова е во ред, па и самото ќе почне да го прави истото со децата на училиште.

Постојат многу работи што можат да натераат едно дете да почне да се однесува лошо со другите деца на училиште, па дури и да ги малтретира.

Најпрво преовладуваше мислењето дека само децата кои се соочуваат со насилство во домот и слични проблеми ги малтретираат другите деца.

Но, сега е јасно дека постојат многу фактори кои имаат влијание врз ова.

Јасно е и дека родителите имаат голема улога во спречувањето на ова однесување. Односно, начинот на којшто го воспитуваат детето може да има големо влијание врз нивниот однос со другите деца.

Па, што можете да направите вие за да бидете сигурни дека вашето дете ќе ги почитува другите деца, но и сите луѓе кога ќе порасне?
Обрнувајте внимание на неговите интереси
Важно е да поминувате време со вашето дете и да бидете вклучени во неговите хобија и интереси.

Важно е и да го поддржувате во неговите интереси и да не го игнорирате кога ви зборува за нив.

Немојте да го навредувате
Нормално е некогаш да бидете фрустрирани од однесувањето на вашето дете, но по секоја цена избегнувајте да користите навредливи зборови.

Доколку вие го нарекувате детето неспособно, мрзливо и слично, тоа ќе смета дека ова е во ред, па голема е веројатноста и тоа да почне да ги користи овие зборови.

Научете го дека сите луѓе се различни
Некогаш децата ги малтретираат другите деца бидејќи се поразлични.

Па, важно е да го научите вашето дете дека постојат секакви луѓе – високи, ниски, слабички, полнички, црни, бели…

Тоа треба да сфати дека овие разлики се нормални и дека никој не треба да биде исмејуван и малтретиран само затоа што е поразличен од другите.

Пофалете го кога ќе направи нешто добро
Кога вашето дете ќе направи некое добро дело, без разлика колку мало, кажете му некој пофален збор.

На овој начин детето ќе сфати дека добрите дела се секогаш добредојдени.

Запознајте ги неговите пријатели
Најблиските пријатели на вашето дете имаат огромно влијание врз него.

Па, добро би било да знаете со кои деца се дружи.

Не го игнорирајте насилството со браќата или сестрите
Ако вашето дете е агресивно или насилно кон братот или сестрата, немојте да го игнорирате ова однесување, бидејќи така само ќе ја поттикнете агресијата.

Доколку не можете сами да се справите со агресивното однесување на детето, секогаш е добро да побарате помош од професионалец.

Поставете пример
Децата копираат многу работи што ги прават нивните родители.

Па, ако вие сте агресивни кон детето или се расправате со партнерот пред него, голема е веројатноста тоа да ги копира овие работи.

Дозволете му да чува милениче
Миленикот ќе го научи детето на одговорност и емпатија.

Не мора да чувате мачка или куче доколку не сакате. Постојат други миленици кои не бараат многу грижа и не прават неред, а сепак ќе помогнат во емоционалниот развој на детето, како хрчак, риби или папагал.

Поврзани новости