НАЈНОВО

БалканВести

Србија: Од денеска до 8 јуни нерегистрираното оружје без последици може да и се предаде на полицијата

Граѓаните на Србија кои поседуваат нерегистрирано оружје од денеска до 8 јуни можат да го предадат тоа оружје во која било полициска станица, за што нема кривично да одговараат и нема да сносат никакви последици.

Граѓаните кои во тој период ќе предадат нерегистрирано оружје, нема да мора да го докажуваат неговото потекло, а во полиција можат да го оставаат секој ден од 7 до 19 часот, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.

Појаснија дека се работи за сите видови оружје, за автоматско оружје како и за сите други, минско-експлозивни направи, делови за оружје и муниција што граѓаните нелегално ги поседувале, пренесува Бета.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека очекува одговорност од граѓаните и побара од нив да не го кријат или фрлаат оружјето, туку да го предадат на полицијата.

Тој додаде дека очекува на овој начин да и бидат предадени „милиони куршуми“ на полицијата и потсети дека нема да има казни за оние што ќе го сторат тоа во следниот месец, но дека потоа казните за поседување нелегално оружје ќе бидат поригорозни.

Акцијата за предавање на нелегалното оружје српското МВР ја покрена по двете масовни убиства во селата кај Младеновац и Смедерево, како и во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, во кои се убиени 17 лица, а над 20 беа повредени.

Поврзани новости