НАЈНОВО

Прилеп инфо

Сè уште активен пожарот во Мариовско

„Критично е кај селото Крушевица, загрозено е од два фронта. Таму имаме лоцирано доста екипи, таму се и 50 припадници на АРМ и на полицијата и вложуваат натпросечни напори да се изборат со стихијата“, изјави началничката на прилепскиот кризен штаб, Ирена Стерјоска-Локвенец.

Пожарот во Мариово е сè уште активен, а со огнот се опфатени околу 8 000 хектари. На терен, како што изјави началничката на прилепскиот кризен штаб, Ирена Стерјоска-Локвенец, се околу 150 пожарникари, кои работат на спречување на ширењето на огнот во околните села.

„Критично е кај селото Крушевица, загрозено е од два фронта. Таму имаме лоцирано доста екипи, таму се и 50 припадници на АРМ и на полицијата и вложуваат натпросечни напори да се изборат со стихијата. На теренот се и пожарникари, не само од Прилеп, туку и од повеќе градови“, рече Стерјоска-Локвенец.

Таа додаде дека боровата шума близу селото Штавица не е опфатена, а огнот слегува надолу. Има и противпожарни екипи во селото Пештани, кон кое во моментов се движи пожарот.

Виктор Стојчески, командир на прилепската противпожарна единица известува дека 90-ина пожарникари се упатени кај манастирот Прилепец, каде што гори на околу 1000 метри близу манастирот.

„Пожарот е активен и кај Крушевица и кај Бонче во високиот дел. Сега нашите пожарникари и другите професионалци, 90-ина, се упатуваме кон манастирот Прилепец. Во моментов не се загрозени селата, се прават напори да се направи заштита околу селата. На помош е и дел од месното население“, изјави Стојчески.

Поврзани новости