НАЈНОВО

Македонија

Таравари: Докторите специјалисти од приватното ќе можат повторно да се вратат во јавното здравство

Според министерот за здравство, досега интерес пројавиле и лично го контактирале десетина доктори, за кои рече дека се врвни експерти, кои полека ќе почнат да се враќаат во јавното здравство

Владата ја повлече забраната докторите од приватните клиники или болници да не можат да се вратат и повторно да работат во јавното здравство. Сега тоа ќе биде возможно. Ова денеска на прес-конференција на која даде отчет за сработеното во изминатите 100 дена го изјави министерот за здравство Арбен Таравари, посочувајќи дека има интерес од доктори што работат во приватните клиники, а во минатото работеле во јавното здравство, а што сега повторно сакаат да се вратат.

„Имаше една забрана од Владата од август 2022 година да не можат докторите што работат во приватните клиники да преминат во јавните здравствени установи. Пред три недели помина на Влада одлуката да се тргне таа забрана. Сега подготвуваме правилник во Министерството за здравство, кој очекуваме да биде готов за десетина дена. Но, тоа нема да важи за сите доктори, туку само за докторите што се специјалисти по одредена област или што се специјалисти фармацевти или специјалисти стоматолози. Но, само доколку директорот на одредена Клиника каже дека има потреба. И тоа да бидат кадри што се веќе докажани, што во одреден период си заминале од јавното здравство, но сега гледаа некаква надеж во него“, рече тој.

Посочи дека досега интерес пројавиле и лично го контактирале околу десетина доктори, за кои рече дека се врвни експерти, кои полека ќе почнат да се враќаат во јавното здравство.

Ваквата новина Таравари ја најави во август годинава, кога соопшти дека доктори од приватното здравство покажуваат интерес да се вратат во јавните здравствени установи.

Во јули 2019 година, Собранието усвои измени на Законот за здравствена заштита, со што е избришана временската рамка за преземање здравствени работници од приватните во јавните здравствени установи.

Министерот најави дека се прават напори да се вработи барем половина од средно медицинскиот кадар што сега работи со договор на дело во јавните здравствени установи. Рече дека има околу 2 500 лица што работат со договор на дело, а тоа се главно медицински сестри, болничари и хигиеничари.

Проблемот со договорите посочи дека не е проблем во една клиника или во една болница, туку генерално во сите јавни здравствени установи во државата.

Поврзани новости