НАЈНОВО

Економија

Турската лира паѓа по водството на Ердоган

За еден американски долар добивате 19,67 турски лири. Турската валута продолжува да паѓа во однос на американската, а политичката неизвесност по првиот круг претседателските избори не може да го задржи губењето на вредноста туку само го дополнува.

Дополнително економската состојба ја влошува високата инфлација и необичната монетарна политика на Анкара смислена главно од Ердоган, но, реализирана преку централната банка на Турција.

Странските инвеститори се речиси надвор од креирањето на политиката, во која каматните стапки се моделираат по нови методи па поради тоа се надеваа во победа на Киличдароглу.

-Ова е големо разочарување за инвеститорите кои се надеваа во победа на опозицискиот кандидат Киличдароглу и враќање на традиционалната економска политика што тој ја вети, вели за Ројтерс, Хаснаин Малик, шеф на истражувачкиот центар Телимер.

Водството по првиот круг, Ердоган го прослави со обраќање од балкон каде што порача дека тие се на балконот (високо) додека некои други (опозицијата) се во кујната.

Без разлика на политичкиот симболозам во постизборните пораки, споредбата на Ердоган може да се пренесе и на лирата. Дека турската лира не е ниту на балкон, ниту во кујна, туку на најдолното ниво, во подрумот. Денешното тргување со лирата потсетува на најлошиот период од минатиот ноември кога вредноста на лирата се спушти на најниско ниво.

Минатиот четврток, лирата беше уште послаба поради неизвесниот исход на претседателските избори. Стигна до 19,7 лири за еден долар. Но, тогаш се повлече вториот опозициски кандидат Инце и лирата се стабилизираше. До пребројувањето на гласови.

Падот на лирата почна, а засега најизвесен е втор круг. Без разлика кој ќе победи, лирата ја чека тежок период, а финансиските куќи како ЏПМорган и Голдман Сакс предвидуваат дека лирата неколку месеци после изборите ќе се спушти на 24 до 25 за еден долар. Годишните прогнози пак им се уште полоши, дека лирата за 12 месеци може да ослаби за 50 проценти во однос на американскиот долар.

Поврзани новости