ВестиМакедонија

Ѓурѓовден – Се празнува будењето на природата, се слави животот

На денешен датум, шести мај, се празнува Ѓурѓовден, празник во чест на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец. Ова е неподвижен празник и секоја година се одбележува на истиот датум. Во неговата симболика се врежани будењето на природата, вегетацијата и величење на животот.

Такви се и обичаите коишто се практикуваат за Ѓурѓовден. Традициите налагаат, плетење на венец од зеленило и цвеќиња, миење со водата во која се потопуваат растенија и бањање во река. Ноќта, наспроти Ѓурѓовден, се собираат зелени гранки во најблиската шума и со нив ги закитуваат вратите и прозорите на куќите. Ова според христијанското верување се прави за бериќет и здравје во домот, а исто така и плодови и род по полето, во трлата и шталите.

Освен празникот Ѓурѓовден што се празнува на шести мај има уште два празника поврзани со Свети Георгиј и тие спаѓаат во зимски слави, во ноември и декември.

Именден денеска празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо и други.

Поврзани новости