Луѓето се срцето на секоја компанија и токму нивната посветеност, искуство и професионалност го движат секојдневниот успех. Овој месец со задоволство одбележуваме значаен јубилеј – 10 години професионален ангажман на Елена Николовска, која е дел од Секторот за финансии.
Низ изминатата деценија, Елена беше дел од бројни работни предизвици, искуства и моменти кои ја збогатија нејзината професионална приказна. По повод овој значаен јубилеј, разговаравме со Елена за нејзиното искуство, професионалниот развој и најважните лекции што ги носат годините поминати во компанијата.
Интервју со Елена Николовска
Денес одбележувате 10 години лојалност во нашата компанија. Што значат за Вас овие 10 години и кој момент од досегашното работење најмногу ќе го паметите?
„Овие 10 години за мене претставуваат едно значајно животно и професионално патување. Во текот на овие години стекнав ново искуство,научив многу нови работи, но пред се се развив како професионалец и како личност. Имав можност да се соочам со многу предизвици, одговорности, и да работам со прекрасни колеги. Најмногу ќе ги паметам моментите на доверба и поддршка“.
Ако треба со три збора да ги опишете Вашите 10 години во компанијата, кои би биле тие и зошто?
„Раст – за секоја година што ми донесе ново знаење и искуство. Предизвик – затоа што секој предизвик ме поттикна да станам подобра во она што го работам. Пријателства – затоа што низ сите овие 10 години создадов односи со колеги кои прераснаа во вистински пријателства“.
Што Ве прави најгорда кога ќе погледнете на се што сте постигнале досега?
„Најгорда сум на фактот што низ сите овие години не престанав да учам и да се надградувам. Горда сум на довербата што ја стекнав, на одговорностите што сум ги презела и на тоа што секогаш сум се трудела да дадам максимум. Особено ме радува сознанието дека со мојата работа сум придонела за компанијата“.
Што би им порачале на колегите кои денес се на почетокот на својот професионален пат, гледано од Вашето 10-годишно искуство?
„Да бидат трпеливи и никогаш да не престанат да учат. Да ги ценат луѓето со кој работат и да градат добри односи. И најважно да веруваат во себе и да уживаат во процесот бидејќи 10 години поминуваат побрзо отколку што мислиме“.
Десет години се значаен дел од една професионална приказна, а за нас се уште еден убав повод да го истакнеме придонесот на луѓето кои се дел од нашиот тим.
На Елена и благодариме за досегашната посветеност и и посакуваме уште многу успешни години и нови професионални достигнувања со Евротип како дел од КС Групација.





