11.612 вработени во март останале без плата, откри УЈП

0
Споделивања

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на брифинг со медиуми откри дека во минатиот месец 5716 работодавачи не поднеле М-ПИН пријава за плата.

„Во месец март регистрирани се 69.156 работодавачи со 555161 вработени. Од нив 56.073 исплатиле плата, а 5716 работодавачи за 11.612 вработени не испратиле плата за третиот месец од годината“, брифираше Лукаревска.

Од почетокот на годината до денес се извршени 1.522 контроли и кај 702 субјекти се констатирани неправилности во однос на неиздавањето на фискални сметки и непоседување фискален апарат. Контроли имало и кај 33 златари од Тетово, Гостивар, Кичево и Битола, а кај 18 од нив имало огромни разлики во непријавениот промет кои се движеле и до речиси 3 илјади евра. Надлежноста за одземање на нелегалниот златен накит е кај пазарната инспекција, брифираа даночниците.

Даночните инспектори во јануари и март ја посетиле и популарната Пластичарска улица во Скопје. Во првиот месец од 30 контролирани субјекти, кај 28 имало неправилности (не издавале фискална сметка и неводеле евиденција на прометот. Тие добиле 15 дневна забрана за вршење дејност.

-Со ГПР системот се следи дали нивниот промет се зголемува или стагнира. Дел од нив во контролите во март ја поправија работата – брифираа од УЈП. А тоа значи дека од 37 контролирани субјекти во март, неправилно работење е забележано кај 25, велат од УЈП.

Фирми кои вршат поштенски услуги, транспортираат стоки, како и ресторани и салони за мебел, веќе извесно време се под “опсервација“ на даночниците, бидејќи имаат многу млади управители (18 годишна возраст) или многу постари (над 75 годишна возраст), брифираше Лукаревска.

-Направени се четирисеттина контроли и се гледа данокот на личен доход – велат од институцијата.

Изминатиот период во акциски контроли, бил проверуван и јавниот здравствен сектор. Од 10 проверени клиники во комплексот „Мајка Тереза“, дури четири од нив не издавале фискални сметки. Се проверило и работењето на поликлиниките во рамки на Здравствен дом – Скопје и таму од 13 контроли, било заклучено дека пациентите во 4 поликлиники не добиле фискални сметки.

-Беа проверувани и 16 приватни здравствени установи во Гостивар, а кај две имаше неправилности – соопшти Лукаревска.

0
Споделивања
Exit mobile version