Седумнаесетгодишна девојка го загуби животот, а повеќе лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што вчера се случила на патот Битола – Прилеп, кај местото викано „Туланата“.
Според информациите од СВР Битола, несреќата била пријавена на 19 септември во 18:29 часот. Во неа учествувале патничко возило „опел“ со битолски регистарски ознаки, управувано од 28-годишниот Е.Ф. од прилепското село Канатларци, и патничко возило „форд“, исто така со битолски регистарски ознаки, управувано од 48-годишниот М.Н. од село Долно Српци, Општина Могила.
На местото на несреќата починала 17-годишна сопатничка во „опелот“, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Битола.
Со тешки телесни повреди се здобиле возачот на „опелот“, како и 44-годишната Д.Н. и седумгодишно дете од Долно Српци, кои биле сопатници во „фордот“. Повредите им биле констатирани во Клиничката болница во Битола. Повреден бил и возачот на „фордот“.
Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Битола.

