Македонија е на четвртото место во Европа по бројот на регистрирани случаи на западнонилска треска во текот на оваа сезона, покажуваат најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC). Од почетокот на сезоната на пренос на вирусот досега, во земјава се потврдени 13 случаи на инфекција.
Пред Македонија се Италија со 139, Грција со 61 и Шпанија со 17 заразени, додека зад неа се Романија со шест, Франција со четири и Германија со еден случај. Вкупно во Европа оваа година се регистрирани 241 случај на западнонилска треска.
Светската здравствена организација неодамна повика на зголемена внимателност поради порастот на бројот на заразени во јужниот дел на Европа. Вирусот најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец, а најголем ризик од инфекција има во периодот од јули до септември. Кај најголемиот дел од заразените нема симптоми, но во потешките случаи болеста може да го зафати нервниот систем и да предизвика енцефалитис или менингитис. Бидејќи не постои вакцина ниту специфичен лек, здравствените власти препорачуваат заштита од убоди од комарци со употреба на репеленти и носење соодветна облека.

