НАЈНОВО

Македонија

Jадењата за празниците имаат своја симболика: Богата бадникова и божикна трпеза – вековна семејна традиција

Во Македонија, традиционално се собира семејството на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза, исклучиво со посна храна, со што симболично треба да се обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Според традицијата, на Божик се јаде прасечко или јагнешко месо, додека мисирка и пилешко, според верувањата, не треба да се јадат, затоа што се смета дека живината е симбол на назадување, бидејќи фрла земја зад себе

Поскромно или побогато, за Бадник и за Божик трпезата мора да биде полна. На секоја бадникова трпеза се неизбежни посно гравче, посна сарма, пита со праз или со зелка, суво овошје, риба, ореви, костени, јаболка, портокали, мандарини… За Божик, пак, секако, на трпезата треба да има и свинско, вино и нешто благо. Како и да е, и во овие, за повеќето граѓани, финансиски тешки времиња, се следи традицијата, која се пренесува од колено на колено. Во Македонија, традиционално се собира семејството на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза, исклучиво со посна храна, со што симболично треба да се обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година.

Интересно е што со традицијата, народот ги пренесува и верувањата, па така, за да имате среќна година, потребно е јадењата на маса да се во непарен број – 7, 9, 11. Колку што е масата поразновидна толку побогата ќе биде новата година.

Според традицијата, на масата треба да има одреден вид храна, која ќе ви донесе среќа, здравје и плодност, но изборот, секако, е ваш. Сепак, она кон што задолжително мора да се придржувате е јадењата да се посни.

Централно место на секоја маса за Бадник зазема лепчето со паричка. Лепчето замесено со сода или квасец, во кое се става паричка, е она што го обележува овој празник. Децата секогаш најмногу му се радуваат, бидејќи се верува дека оној кому ќе му се падне паричката ќе има среќа цела година. Често лепчето се украсува со фигури, како класје, плуг, крст… Исто така, пожелна е посна пита со зелка или со праз. На трпезата, на Бадник се користат и суви пиперки, кои претходно треба да се потопат во топла вода за да омекнат и потоа да се измешаат со сварен грав. Друга опција се традиционалните посни сарми, полнети со ориз.

Овошјето карактеристично за нашето поднебје (јаболка, ореви, мушмули, дуњи) се, исто така, дел од трпезата. Во минатото, на Бадник се кршеле ореви, кои биле наречени за секој член на семејството. Ако јатка им е бела и голема, човекот ќе биде здрав и ќе има среќа во текот на годината.

Се прави компот од суви сливи или од друго суво овошје. Салатата од кисела зелка ги заменува свежите салати и добро им доаѓа на оние што пијат топла ракија.

Лукот има ритуално значење. Неколку парчиња, расфрлани на трпезата, штитат од зло и болести. Важно е на трпезата на Бадник да има и нешто слатко за да е благ животот на семејството во текот на годината.

Многумина велат дека на трпезата, на Бадник, не смее да изостане ни медот, кој се јаде со ореви, а по Бадник, во куќата се чува како лек. Медот е носител на мудроста на пчелите, затоа може да го ставите врз печената тиква. Рибата, пак, има ритуално значење, чие потекло не е толку познато, но во средниот век се поврзувало за симболот на Исус Христос.

Покрај наведената храна, на трпезата на Бадник задолжително треба да се стави и сол. Куќата не треба да биде без сол, зашто каде што нема сол, таму влегуваат болестите и несогласувањата.

Сепак, на бадниковата вечер, симболична улога нема само храната туку и пијалакот. Еден од обичаите е да се наздрави со црвено вино. Знаеме дека виното ја симболизира крвта и овој обичај е многу јасен, особено ако се додаде фактот

дека не смее да се истури вино од масата.

Божик е највеселиот православен празник со кој се слави раѓањето на Исус Христос и се слави три дена. Божикното утро почнува така што во рани зори се слушаат ѕвоната од сите православни цркви и храмови; се облекува свечена облека и се оди во црква на божикна литургија; луѓето се поздравуваат и си отпоздравуваат со зборовите „Христос се роди!“ – „Навистина се роди!“.

Според традицијата, на Божик се јаде прасечко или јагнешко месо, додека мисирка и пилешко не смее да се јадат, затоа што се смета дека живината е симбол на назадување со тоа што фрла земја зад себе. Доколку не ви се допаѓа рибата или јагнешко месо на божикната трпеза, може да ја примените данската верзија на свинско печено. Додајте малку варен компир, црвена зелка и сос, и нема да бидете разочарани. Подоцна ќе мислите за калориите.

Во секој случај, заедничкиот семеен ручек на Бадник и на Божик е најубавиот настан, кој зближува и го облагородува нашиот живот.

Луѓето креираат мени, ги подготвуваат најдобрите јадења, ги гланцаат кристалните чаши, но често забораваат на празничната декорација на масата, без која нема да биде лесно да се постигне посакуваната атмосфера. Доколку и масата е убаво аранжирана, тогаш на радоста ѝ нема крај.

Пред да ја украсите масата, треба да ја изберете вистинската работа со која започнува апсолутно секоја празнична вечера – чаршафот. Најважно е нијансата на чаршафот да се совпаѓа со сите предмети на масата. Ако се одликува со убава шема, тогаш масата не треба да се преоптоварува за да не се преклопува шаблонот. Така почнуваме да генерираме идеи.

Основниот принцип е хармонична комбинација на бои. Друг важен елемент при сервирањето се салфетките. Повеќето жени знаат како да ги употребат, поточно да ги обликуваат за да ја украсат трпезата за Нова година, бидејќи тие се навистина добри за реализација на многу креативни идеи.

Пред убаво да ја уредите трпезата за Нова година, мора да се решите за јадењето и за приборот за јадење. Белите садови се совршени за секоја покривка за на маса. Но, ќе изгледаат здодевно, па ќе мора да декорирате со светли салфетки или со тенок, златен лист околу работ. Дополнително, снегулката, гранката од смрека и малата сјајна топка може да помогнат.

И садовите за пиење треба да бидат убаво украсени. Кристалните садови изгледаат одлично! Љубителите на креативноста може да се обидат да постигнат имитација на мраз. За да го направат тоа, треба да ја свртат чашата, па да ја потопат во вода со која било температура, неколку сантиметри, а потоа во шеќер во прав.

Кога ја поставуваме трпезата, во никој случај не смееме да заборавиме на свеќите. Тие обично се наоѓаат во центарот и се опкружени со цвеќиња.

Поврзани новости