Настани

Во Битола промовиран првиот самостоен албум „Асценд“ („Вознес“) на Горан Таневски

„Асценд“ или „Вознес“ е првиот самостоен албум на Горан Таневски, една од најмаркантните личности на македонската музичка рок сцена.

Според промоторот Илија Талев, албумот на Таневски е прв од трите предвидени, со што како трилогија ќе се заокружи целиот процес.

-Без сомнение Горан Таневски е една од најмаркантните личности на македонската музичка рок сцена. Неговата мистична појава и харизматичност, надополнета со неговиот изразито длабок вонземски вокал, придонесоа Горан Таневски да стане еден од стожерите на македонската модерна алтернативна музика. Во својата музика комбинира класичен готик-рок проткаен низ македонското музичко наследство, византиската музика и православно црковно пеење на уникатен начин, што го прави оригинален и препознатлив, додека литургиските вокални манири совршено се вклопуваат во неговото музичко изразување. Како составен и неодвоив дел од неговата матична група „Мизар“, учествува во создавањето на нивниот прв албум, едноставно наречен „Мизар“, во 1988 година, воедно и прв албум воопшто снимен на македонски јазик. Своето учество го комплетира во создавањето на уште два албуми на групата „Свјат Dreams“ (1991) и „Поглед кон цветната градина“ (2007). Со тоа дава особен придонес во самата група, создавајќи многу значаен документ за своето музичко постоење на овие простори. Албумите во кои тој зема учество, денес имаат култен статус во сите поранешни југословенски земји, додека самата група како пионери на дарквејв музиката во СФРЈ, значително влијаеше на развојот на музиката и звукот на многу други групи, истакна Талев.

Како што е познато, Горан Таневски во 1991 година ја напушта групата „Мизар“ формирана во Битола во 1984 година и се посветува на организирање на настани од културата изложби, промоции, концерти…

Промоцијата на албумот се одржа во рамки на фестивалот „Музика од светот“ кој синоќа заврши во Битола, а наскоро промотивни настани ќе се одржат во Прилеп и Скопје, но и во Србија, Хрватска и Словенија.

Поврзани новости