Денеска е Велики Понеделник

0
Споделивања

Велики понеделник или Велипонеделник — ден од Страстната седмица. Според источното христијанство тој е трет ден од Страсната седмица, односно ден по Лазаровата сабота и Цветници. А според западното христијанство тој е втор ден од Страсната седмица, односно ден по Цветници.

Во него, Црквата се потсетува на последните денови на Христос во Ерусалим, неговото влегување во Храмот и растерувањето на трговците од него, оти тоа е место за молитва, а не пазар. Христос на своите ученици во повеќе наврати им зборува за Своето страдење кое Му претстои, како и крајот на времињата и Страшниот суд.

На Велики понеделник Црквата говори и за Неговата беседа во Храмот, за злобните лозари, како и проколнувањето на бесплодната смоква, која го претставува јудејскиот собор, во кој Исус Христос не нашол вистински плод, туку само лицемерна сенка на законот, но и човечката душа која не ја познава молитвата, покајанието, и која не носи духовни плодови.

На овој ден, Црквата го споменува и старозаветниот патријарх, целомудрениот Јосиф Прекрасен, кој поради зависта на своите браќа бива продаден во Египет. На тој начин, овој старозаветен патријарх е праобраз на безгрешното страдание на Бога.

Христос, како и Јосиф, станува жртва на зависта на Неговите браќа по крв и вера, и на ист начин е предаден и продаден.

На Велики понеделник, како и на Велики вторник и Велика среда се извршува чинот мироварение.

Тоа е определеното време кога се подготвува и деноноќно се вари мирото, кое содржи над 40 разновидни миризливи состојки како дар од богосоздадената природа.

0
Споделивања
Exit mobile version