Македонија

ДЗР: Германска болница го тужи Фондот за здравствено осигурување за 433.000 евра

Во 50 случаи од вкупно 315 лекувања во странство се доцнело од 7 до 14 дена со упатувањето на лекување, покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работата на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во 2022 година. Најчесто тоа било поради ненавремено платена партиципација од страна на осигурениците. За оваа намена биле потрошени околу 4.363.000 милиони евра. Воедно во извештајот се нотира и дека со тоа што две комисии одлучуваат за лекувањето во странство не обезбедува соодветна правна заштита на барателите.

„Побарувањата за дадени аванси за лекување во странство нецелосно се евидентирани и не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници. Ваквата состојба резултирала со тужбени барања од странска болница, за кои постои неизвесност за крајниот исход“, се наведува, меѓудругото, во извештајот на ДЗР.

Германска болница има покренато 12 тужбени барања против фондот за нецелосно платени фактури од околу 433.000 евра. За дел од нив веќе има и пресуди од германскиот суд.

„Во однос на делот кој се однесува на тужбите на германската болница, појаснуваме дека должничко-доверителските односи со германската болница настанале поради недоставување или ненавремено доставување на потребната документација (отпусно писмо и фактура) во врска со извршените лекувања“, соопштуваат од ФЗО.

Од Фондот одговориле дека со измените на Законот за здравствено осигурување, рокот за постапката за лекување во странство до 45 дена се скратува на 30. Во однос на доцнењето за 50 случаи, од фондот напоменуваат дека се работи за различни заболувања кај осигурениците и затоа во текот на постапката се јавува потреба од преземање на низа чекори.

Во 2022 година, како што се наведува во извештајот, донесен е нов правилник и упатство за лекување во странство со кои, меѓудругото, е уредно и склучувањето на договори со странски болници, критериуми и постапки за избор, како и одговорни лица кои тоа би требало да вршат контрола на фактурите и медицинската документација, но до денес не се назначени.

Лани биле доставени и дописи од дел од клиниките за утврдување на листа на странски болници со кои фондот ќе склучи договор, но нема информации дали е постапено по нив. Од фондот наведуваат дека доставиле две ургенции до клиниките за доставување на листите, но само две одговориле уредно.

Извор: Телма

Поврзани новости